23/10/2007
ВАШИНГТОН, САД -- САД и Велика Британија во понеделникот (22-ри октомври) се согласија да организираат трилатерален состанок следниот месец помеѓу САД, Турција и Ирак, чија цел е запирање на нападите против Турција од страна на бунтовниците на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК). На состанокот во Вашингтон, американскиот државен секретар Кондолиза Рајс и британскиот министер за надворешни работи во посета на земјата, Дејвид Милибенд, рекоа дека се надеваат оти министрите од трите земји ќе се согласат да присуствуваат на состанокот, на маргините на конференцијата во Истанбул на крајот од следната недела. Во меѓувреме, турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, во вторникот го посети Багдад, при што рече дека е решен да најде дипломатско решение на кризата поради која неговата влада планира прекуграничен упад. ВВС јави за можен резултат од тие напори, цитирајќи го ирачкиот министер за надворешни работи, Хошјар Зебари, дека неговата земја активно ќе й помага на Турција во справувањето со „опасноста“ од ПКК. Во понеделникот ПКК понуди прекин на огнот ако турската војска се откаже од плановите за упад во Ирак. Последнава активност следеше по нападот изминатиот викенд на ПКК, во кој загинаа најмалку 12 турски војници во близина на границата. (Заман, ВВС, Лос Анџелес тајмс, Њујорк тајмс, АФП, Ројтерс, АП - 23/10/07; AФП, ДПА, Ројтерс, Гласот на Америка - 22/10/07)