27/08/2007
СОФИЈА, Бугарија -- Најмалку четири лица загинаа во неделата (26-ти август) во шумските пожари кои изгореа неколку домови до темел. Две лица загинаа во Хасково, а уште две во Свиленград, каде што локалните власти прогласија вонредна состојба. Силните ветришта ги разгореа пожарите на границата со северозападна Турција.
Романија, во меѓувреме, се бори со поројните врнежи и ураганските ветришта, по минатонеделниот опустошувачки топлотен бран. Две лица загинаа во неделата, вклучително и едно дете. Невремето и поплавите доведоа до прекин на електричната енергија во централна, северна и источна Романија. Властите ги евакуираат заглавените туристи во округот Брашов. Историскиот манастир Самбата де Сус беше многу оштетен од поплавите. (Hotnews.ro - 27/08/07; БTA, БГНЕС, Фокус, Дарик, ИТАР-ТАСС, Макфакс, АФП, Реалитатиа, АП, Њус ин - 26/08/07)