17/02/2008
ПРИШТИНА, Косово, Србија -- На вонредната седница во недела (17-ти ноември) косовскиот парламент едногласно ја одобри декларацијата за независност од Србија. „Ние, водачите на институциите на Косово, го прогласуваме Косово за слободна и независна држава“, се вели во истата и истовремено се ветува придржување на планот што минатата година го предложи специјалниот претставник на ОН, Марти Ахтисари.
„Ја изразуваме волјата на институциите и ја изразуваме нашата посветеност на заштитата и промовирањето на правата и слободите на сите заедници во Косово и нивното учество во донесувањето одлуки“, се вели во документот, кој на парламентот му го прочита премиерот Хашим Тачи. „Ќе се придржуваме на обврските од планот на Ахтисари и ќе ги исполниме овие обврски во иднина -- особено анексот 12 од планот, кој се однесува на правата на етничките заедници.“
Декларацијата, исто така, ја поздравува судската и полициската мисија на ЕУ во Косово и го повикува НАТО да ја продолжи својата актуелна мировна мисија. Во истата се ветува дека Косово ќе придонесе за помирувањето на Балканот и се изразува желбата за „добри односи со сите наши соседи, особено Србија“.
Неколку земји на ЕУ и САД се очекува да ја признаат независноста уште в понеделник, додека мировниците на НАТО се во состојба на готовност во случај на евентуална ескалација на тензиите.
Во Приштина се прославуваше веќе во саботата, при што луѓето излегуваа на улиците да играат и го вееја албанското национално знаме. Но, во Белград стотици српски националисти демонстрираа против независноста. Околу 1.000 луѓе се собраа на протести против отцепувањето на Косово пред српската амбасада во Словенија, која моментно претседава со ЕУ.
Српскиот премиер Воислав Коштуница говореше на националната телевизија набргу по гласањето во Приштина. Тој ги повика српските граѓани: „да се здружиме и да му покажеме на целиот свет дека не го признаваме создавањето на лажна држава на нашата територија“. (РТС, Ројтерс - 17/02/08; СНН, АФП, Дневник, Танјуг, Коха Диторе - 16/02/08; AП, АФП, БГНЕС, Алсат - 15/02/08)