Извори: веб-страница на српската влада, Центар за слободни избори и демократија, Southeast European Times
Србија одржа предвремени парламентарни избори на 21-ви јануари 2007 година, откако претходната есен падна малцинската коалиција предводена од премиерот Воислав Коштуница. Овие парламентарните избори беа трети по ред по соборувањето на поранешниот режим на Слободан Милошевиќ во октомври 2000 година. Истите резултираа со четиригодишни мандати за 250 пратеници.
Ултранационалистичката Српска радикална партија, предводена од обвинетиот за воени злосторства од страна на ОН, Воислав Шешељ, освои најголем број места од сите партии одделно, односно вкупно 81 место. На второ место беше реформистичката Демократска партија, со 65 места, по што следеше коалицијата Демократска партија на Србија-Нова Србија, со освоени 47 пратенички места.
Партијата Г17 Плус и Социјалистичката партија на Србија освоија 19, односно 16 места, додека коалицијата на Либерално демократската партија, Граѓанскиот сојуз на Србија, Социјалистичко-демократска унија и Лигата на социјалдемократите на Војводина, освои 15 места.
Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Парламентарното собрание на НАТО, ги следеа изборите, како и мониторинг мисијата што ја организираше Центарот за слободни избори и демократија, невладина организација со седиште во Белград. Западните официјални претставници главно ги поздравија резултатите, истакнувајќи дека партиите што го формираат демократскиот блок освоија најголем број гласови. „Поголем дел од Србите гласале за реформски ориентираните партии и НАТО очекува формирање на влада посветена на подлабока евроатланска интеграција“, рече генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер.
Косовските Албанци, од кои повеќето не беа регистрирани за гласање, го продолжија својот бојкот на српските политички институции и не учествуваа на изборите. Но, албанските партии во Јужна Србија учествуваа, за првпат во последнава деценија.
Вкупниот одѕив на гласачите изнесуваше 60,4 отсто.