Македонска информативна агенција, EUBusiness, РФЕ/РЛ
Локалните избори во Македонија во март и април 2005 година, според општото мислење, претставуваа тест за политичката стабилност на земјата, во време кога таа се подготвува да оди напред по патот на пристапот во ЕУ. Изборите поминаа мирно и премиерот на земјата, Владо Бучковски, го оцени изборниот процес како „модел“ за во иднина.
Меѓународните набљудувачи, исто така, изразија пофалби за мирното спроведување на изборите, но рекоа дека се евидентирани нерегуларности во сите три круга од гласањето.
Според набљудувачите на ОБСЕ тие нерегуларности се: групно гласање, полнење на гласачките кутии, украдени гласачки ливчиња, заплажување и прекршување на приватноста на гласачите. Оваа организација ги критикуваше властите поради несоодветното решавање на проблемите, истакнувајќи дека слични нерегуларности -- честопати и на исти места -- се регистрирани за време на сите три круга.
Осумнаесет градоначалници беа избрани во првиот круг, додека 47 влегоа во вториот круг на 27-ми март. Покрај тоа, на 10-ти април се одржа прегласување или одложено гласање во 19 општини, како и во Скопје.
Вкупно 36 градоначалнички места освои владејачката коалиција „За Македонија заедно“, од кои партијата на етничките Албанци – Демократска унија за интеграција -- партнер во владејачката коалиција -- освои 15 градоначалнички места. Опозициската ВМРО-ДМПНЕ освои 21. ВМРО-Народна освои три градоначалнички места, Демократската партија на Албанците и Партијата за демократски просперитет освоија две места, додека Сојузот на Ромите на Македонија освои едно место. Во седум општини победија кандидатите поддржани од група избирачи.
Во градоначалничката трка за Скопје Трифун Костовски победи со 96.207 гласови, поразувајќи го Ристо Пенов, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, кој освои 26.052 гласа.