Извор: ОБСЕ
На 26 октомври 2002 на Косово се одржаа локалните општински избори. Вкупниот одѕив на гласачите на изборите беше околу 54 отсто.
Демократската лига на Косово (ЛДК) на косовскиот претседател Ибрахим Ругова доби мнозинство гласови во 11 од 30-те општини на Косово, вклучувајќи ја и Приштина. Според резултатите објавени од страна на ОБСЕ, ЛДК би можела да контролира и неколку други града, ако коалицира со некои помали партии. Поддршката за партијата е намалена од претходните локални избори, кога ЛДК доби контрола над 20 општини. Демократската партија на Косово (ПДК) на Хашим Тачи ќе има мнозинство во четири општини и би можела да контролира барем уште четири во коалиција со помали партии. Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај беше трета, но не доби мнозинство во ниедна од општините. Српските партии преовладаа во пет области.
Вкупно, 40 од 68-те политички ентитети добија барем по едно од расположивите места. Со избрани вкупно 262 жени, тие заземаат 28,5 отсто во новите општински собранија. Скоро сите од косовските помали заедници добија претставници во општинските собранија каде што живеат.