Aбдула Ѓул

Претседател, Република Турција

(Заман, Турски дневни вести - 30/08/07; ББС, ФТ, Индипендант, РФЕ/РЛ, Заман - 29/08/07; АП, ДПА, Интернешнал хералд трибјун, ВОА - 28/08/07; Официјална веб-страница на претседателот на Република Турција; Википедијa)
photo

Министерот за надворешни работи, Абдула Ѓул, на 28-ми август 2007 година положи свечена заклетва како 11-ти претседател на Турција, наследувајќи го Ахмет Неџдет Сезер. Посветен муслиман, тој е прв турски претседател со исламистичко минато кој стана шеф на државата од воспоставувањето на секуларизмот во земјата во 1923 година.

Ѓул е роден во градот Кајсери во централна Турција на 29-ти октомври 1950 година. Дипломирал економија на Истанбулскиот универзитет во 1971 година, а станал доктор на науки на истиот универзитет во 1983 година. За време на додипломските студии, две години студира во Ексетер и Лондон. Во меѓувреме, тој, исто така, предава економија на Одделот за индустриско инженерство при Универзитетот Сакарја, кој беше формиран претходно со негова помош.

Во 1983 година Ѓул се вработува во Исламската банка за развој со седиште во Џеда, како економист. Банката ја напуштил пред осум години и подоцна станал предавач по меѓународна економија.

Во 1991 година тој е избран за член на парламентот за првпат, како кандидат на Партијата на благосостојбата на Неџметин Ербакан. Станал заменик-претседател на партијата задолжен за надворешнита односи во 1993 година. По неговиот реизбор за член на парламентот во 1995 година, тој се приклучува на парламентарната комисија за надворешни работи, до назначувањето за државен министер и портпарол на владата на Ербакан во 1996 година.

Тој ја вршеше функцијата до 1997 година, кога коалицијата предводена од Партијата на благосостојбата беше соборена од власт под притисок на влијателната војска во земјата. Партијата на крајот беше забранета на почетокот од 1998 година, поради поткопување на секуларниот устав на Турција.

Ѓул тогаш станува член на Партијата на доблеста, која се издигна од пепелта на својот забранет претходник, и беше реизбран во парламентот во 1999 година, како нејзин кандидат.

Откако на Партијата на доблеста й беше одземен нејзиниот правен статус во 2001 година, Ѓул и други поранешни членови ја основаа Партијата на правдата и развојот (АКП), дистанцирајќи се од претходната происламистичка наклонетост.

Годината 2001, исто така, го одбележа крајот на деветгодишната служба на Ѓул како член на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој го награди со својот Медал за заслуги.

По убедливата победа на АКП на парламентарните избори во 2002 година, Ѓул беше назначен за премиер. Во тоа време, на водачот на партијата Реџеп Тајип Ердоган му беше забрането да се занимава со политика. Со доминантното мнозинство во парламентот, АКП го измени уставот за да ја отстрани таа пречка. Во март 2003 година Ердоган победи на дополнителните избори во провинцијата Сиирт и дојде на премиерското место. Ѓул тогаш беше назначен за министер за надворешни работи.

Во текот на следните четири години, тој стекна почит во широката јавност за својата улога во отпочнувањето на разговорите за пристап на Турција со ЕУ и за напредокот во демократските реформи во земјата. Во април 2007 година АКП го назначи Ѓул за свој претседателски кандидат.

Првиот обид за доаѓање на претседателската функција на Ѓул беше блокиран поради јавниот притисок на секуларистите и војската. Но, по убедливата победа на АКП со 47 отсто гласови на предвремените парламентарни избори на 22-ри јули, министерот за надворешни работи беше повторно номиниран за позицијата. Тој ја поднесе својата претседателска кандидатура во парламентот на 14-ти август, шест дена пред отпочнувањето на процесот на претседателските избори, ветувајќи дека ќе го почитува уставот и принципите на секуларизмот, ако биде избран.

Во првите две рунди гласање на 20-ти и 24-ти август, Ѓул беше далеку пред другите двајца кандидати, Сабахатин Чакмакоглу од Партијата на националистичка акција и Хусеин Ичли од Демократската левичарска партија, но не успеа да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за местото. Тој беше избран за претседател на третиот круг на 28-ми август, со поддршка од 339 пратеници во собранието од 550 места -- многу повеќе од 276 гласови потребни во тој круг гласање.

Во неговиот инаугуративен говор истиот ден, Ѓул повторно се обиде да ги смири стравувањата на секуларните противници дека тој и АКП имаат тајна исламистичка агенда.

„Турската Република е демократска, секуларна, социјална држава, управувана од владеењето на правото“, рече тој. „Секогаш ќе бидат решен и непоколебив да го застапувам, без дискриминација, секој од овие принципи и понатаму да ги зацврстувам во секоја дадена можност.“

Како претседател, Ѓул има моќ да става вето на законите и да назначува судии во највисокиот суд на Турција. Тој, исто така, ќе биде врховен командант на вооружените сили.

Ѓул говори англиски и арапски јазик. Тој и неговата сопруга, Хајруниса, имаат три деца.

thumbnail
Пранвера Абази се надева дека нејзиниот 8-годишен син ќе се врати безбедно дома од Сирија. Момчето беше однесено од него
thumbnail
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фо Расмузен (лево), говори покрај македонскиот премиер Никола Груевски за време на
thumbnail
Муслиманки потпишуваат транспарент за време на демонстрациите против насилниот бунт на џихадистичката група на Исламскат
//map
повеќе геовести

Знаме на Турција

Карта на Турција

Турски биографии