![]() |
Италијанскиот дипломат-ветеран Ламберто Заниер ја презеде функцијата нов специјален претставник на генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун и шеф на УНМИК на 20-ти јуни 2008 година. Тој го наследи Германецот Јоаким Рикер, станувајќи седми шеф на УНМИК од воспоставувањето на мисијата во 1999 година.
Роден на 15-ти јуни 1954 година, во општината Фагања во североисточна Италија, Заниер се стекнал со докторска титула на Универзитетот Трст.
Тој работел за Правната канцеларија во Рим на ФАО од 1976 до 1978 година, кога се вработил во италијанското Министерство за надворешни работи. Како дипломат од кариера Заниер работел во италијанските амбасади во Обединетите Арапски Емирати, Австрија и Холандија.
Во 1991 година италијанската влада го поддржала во НАТО како шеф на Секторот за разоружување, армиска контрола и кооперативна безбедност. Тој останал на оваа функција до 1997 година.
Заниер претседавал со преговорите за усвојување на Спогодбата за конвенционалните вооружени сили во Европа од летото 1998 до потпишувањето на Договорот на шефовите на држави и влади на ОБСЕ на самитот во Истанбул во ноември 1999 година.
Од 2000 до 2002 година тој служел како постојан претставник на Италија во хашкиот Извршен совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје, работејќи исто така и на прашањата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.
Во 2002 година Заниер станал дел од ОБСЕ, работејќи како директор на виенската организација на Центарот за спречување конфликти. Тој ја вршел оваа функција до 2006 година. Неговите надлежности вклучувале надгледување на работењето на седум цивилни мисии на терен на ОБСЕ на Балканот и десетици други во Источна Европа, Кавкаскиот регион и Централна Азија.
Пред неговото назначување за шеф на УНМИК, Заниер работел во италијанското Министерство за надворешни работи, на политичките и оперативните аспекти од учеството на земјата во Европската безбедносна и одбранбена политика.
Тој ја презема својата функција во УНМИК пет дена откако земјата го усвои својот устав на 15-ти јуни 2008 година, околу четири месеци по едностраното прогласување независност од Србија на 17-ти февруари.
Заниер пристигна во Приштина неколку дена откако Бан предложи план за реструктуирање на активностите на УНМИК во согласност со новата ситуација во Косово и овозможување на силите на ЕУ од околу 2.000 припадници да ја предводат мисија за владеењето на правото.
„На овој момент гледам како на транзиција“, рече Заниер на прес-конференцијата по неговото пристигнување во Приштина. „Постојат голем број работи што треба да се променат. Не се работи само за реструктуирањето на УНМИК, туку и за цел збир активности на кои УНМИК работеше и сега мора да се разгледаат.“
Во изјавата за новинарите по состанокот со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу седум дена подоцна, тој рече дека се созреани условите за тој да започне со спроведувањето на планот на Бан, кој најверојатно ќе биде завршен до крајот на октомври 2008 година.
Заниер течно говори италијански, англиски и француски јазик и има работно познавање на шпанскиот и германскиот јазик.
Тој е оженет и има два сина и две ќерки.