Регионални извори

Кој е кој, Избори

Харис Силајџиќ

Харис Силајџиќ, член на претседателството, Босна и Херцеговина

(АП, ДПА, АКИ - 06/11/06; официјална веб-страница на претседателството на БиХ, Википедија)
photo

Харис Силајџиќ [Getty Images]

Харис Силајџиќ стана бошњачки член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина (БиХ) на 6-ти ноември 2006 година, пет недели по општите избори во земјата на 1-ви октомври. Тој и другите двајца членови на заедничкото претседателство, Србинот Небојша Човиќ и Хрватот Жељко Комшиќ, беа избрани со директно гласање на народот, со четиригодишен мандат, на местото на Сулејман Тихиќ, Борислав Паравац и Иво Миро Јовиќ.

Силајџиќ е роден на 1-ви октомври 1945 година во Сараево. Дипломирал на Факултетот за арапски јазик и исламски студии во Либија и докторирал на темата американско-албански односи.

Силајџиќ работел како професот по арапски јазик на Универзитетот во Приштина и професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево. Тој, исто така, држел предавања на разни универзитети и организации, меѓу кои и Харвардскиот универзитет, Универзитетот на Мериленд, Чатам хаус (Кралскиот институт за меѓународни односи, Лондон), Карнеџи фондацијата, Вудроу Вилсон центарот и други институции.

Силајџиќ беше клучна политичка фигура за време на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година. Тој беше министер за надворешни работи од 1991 до 1993 година, а потоа и премиер од ноември 1993 до февруари 1996 година. Десет месеци подоцна тој стана копретседател на Министерскиот совет на БиХ, позиција на која остана до февруари 2000 година.

Најпрво член на Партијата за демократска акција (СДА), Силајџиќ ја напушти партијата во 1996 година, кога ја основаше и застана на чело на Партијата за БиХ, која сé уште ја води. Тој беше кандидат за бошњачкото претседателско место на општите избори во октомври 2002 година, но беше поразен од водачот на СДА, Сулејман Тихиќ.

На изборите во октомври 2006 година Силајџиќ, кој е за обединување на БиХ под силна централна влада, освои 62,8 отсто од бошачките гласови, оставајќи го Тихиќ далеку зад себе.

„Нема сомневање дека граѓаните на Босна се за пристап на земјата во ЕУ“, рече тој во своето обраќање на инаугуративната претседателска церемонија на 6-ти ноември 2006 година. „Постојат, се разбира, сериозни разлики околу начинот и патот за остварувањето на оваа цел и овие разлики мора да се решат со трпеливост, согласност и земање предвид на сите различни мислења.“

Силајџиќ ќе го преземе осуммесечното ротирачко претседавање со претседателството од Комшиќ во март 2008 година.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива