Регионални извори

Кој е кој, Избори

Oли Рен

комесар за проширување на ЕУ

(Официјална веб-страница на Европската комисија; Официјална веб-страница на Владата на Финска; Wikipedia.org; AFP)
photo

Оли Рен стана комесар за проширување на ЕУ на 22-ри ноември 2004 година, четири дена откако Европскиот парламент го одобри 24-члениот тим на новиот претседател на Европската комисија (ЕК), Жозе Мануел Баросо. Како претставник на Финска во извршната комисија на ЕУ, тој го замени Германецот Гинтер Ферхојген на оваа функција.

Рен е роден на 31-ви март 1962 година во Микели, Финска. Во периодот од 1982 до 1983 година студирал економија, меѓународни односи и новинарство на колеџот Макалестер во Сент Пол, Минесота. Во 1989 година станал магистер за политички науки на Хелсиншкиот универзитет, а докторирал на Оксфордскиот универзитет во1996 година.

Политичката кариера на Рен започнала во 1987 година, кога станал претседател на младината во финската Партија на центарот, на која функција останал сé до 1989 година. Во 1988 година станал заменик-претседател на Партијата на центарот и градски советник во Хелсинки, функции што ги извршувал до 1994 година. Во периодот од 1991 до 1995 година тој бил пратеник во финскиот Парламент. Истовремено, претседавал со финската делегација во Советот на Европа. Помеѓу 1992 и 1993 година ја вршел и функцијата специјален советник на премиерот Еско Ахо.

Од 1995 до 1996 година Рен бил член на Европскиот парламент и неколку месеци ја вршел функцијата претседател на Либералната група. Тој бил заменик-претседател на Европското движење на Финска во периодот од 1996 до 1998 година. Таа година станал шеф на кабинетот на Ерки Ликанен, финскиот претставник во 19-члениот тим на поранешниот претседател на ЕК, Романо Проди, и на таа функција останал сé до 2002 година.

Во 2002 година Рен станал професор на Хелсиншкиот универзитет и директор за истражување на Одделот за политички науки и на Центарот за европски студии при универзитетот. Во 2003 година тој го напушил универзитетот за да му биде советник за економска политика на финскиот премиер, Мати Ванханен. Од 12-ти јули 2004 до 31-ви октомври 2004 година Рен ја вршел функцијата комесар на ЕУ за иницијатива и информатичко општество, завршувајќи го мандатот на Ликанен.

Во август 2004 година Рен е номиниран за комесар за проширување во тимот на Баросо. И покрај одложувањето на гласањето, кое настана како резултат на несогласувањата околу италијанскиот кандидат за комесар за правда, Роко Бутиљоне, ЕП со големо мнозинство го одобри обновениот тим на 18-ти ноември 2004 година.

За време на својот четиригодишен мандат, кој истекува на 31-ви октомври 2009 година, Рен ќе го надгледува понатамошното проширување на Унијата, вклучувајќи го и пристапот на Бугарија и на Романија, закажан за 2007 година. Тој, исто така, ќе претседава со разговорите за пристап со Хрватска и со Турција, кои треба да започнат во 2005 година, како и со континуираниот мониторинг на напредокот пред пристап на другите балкански земји – аспиранти за членство во ЕУ.

Во своето обраќање пред Комисијата за надворешни работи на ЕП на 18-ти јануари 2005 година Рен истакна дека ниту една земја која сака да влезе во Унијата нема да добие членство сé додека не биде целосно подготвена за тоа. Тој, исто така, јасно даде до знаење дека ако сакаат и понатаму да напредуваат на својот пат кон ЕУ, земјите зафатени од балканските конфликти во 1990-тите години мора да покажат целосна соработка со Трибуналот на ОН за воени злосторства во Хаг.

Рен е оженет и има една ќерка.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива