![]() |
Каролос Папулиас положи свечена заклетва како претседател на Грција на 12-ти март 2005-та година, откако беше избран без преседан со 279 гласа во парламентот со 300 пратенички места . Еден од основачите на опозициското Панелинистичко Социјалистичко Движење (ПАСОК), 75-годишниот Папулиас доби поддршка како од сопствената партија, така и од владејачката централно-десничарска партија Нова Демократија, која го назначи за наследник на Костис Стефанопулос на значително церемонијалната функција.
Во текот на неговата долга кариера, Папулиас беше шампион во скок со стап, адвокат, политички активист, пратеник, претставник на националната одбојкарска екипа и претседател на Националната атлетска асоцијација.
Роден е во Јанина во 1929-та година. По завршувањето на правните студии во Атина и Милано, станува доктор по филозофски науки на Универзитетот во Келн, аво периодот од 1963-та до 1981-та година работи како адвокат. За време на воениот удар во Грција во 1967-та година престојува во Германија. Во текот на следните седум години, Папулиас помага да се основа студентска организација на отпор и редовно пренесува радио емисии на грчката служба на Дојче Веле, поткажувајќи ги полковниците.
Во 1977-та година, Папулиас за прв пат влегува во парламентот, претставувајќи ја јанинската изборна единица како пратеник од листата на кандидати на ПАСОК. Беше реизбран осум пати, служејќи вкупно 27 години. Близок партнер на покојниот грчки премиер Андреас Папандреу, тој беше доследно влијателен во надворешната политика на последователните влади на ПАСОК, служејќи како заменик- министер за надворешни работи од 1981-1984-та година, министер за надворешни работи од 1985-1990-та година и уште еднаш министер за надворешни работи од 1993-1996-та година. Во 1995-та година, беше избран во извршното биро и политичкиот секретаријат на партијата.
По општите избори во 1996-та година, Папулиас стана претседател на парламентарната застапеност на Грција во ОБСЕ. Во јуни 2000-та година беше назначен за член на Бордот на директори и Извршниот комитет на Меѓународната олимписка фондација за примирје.
Папулиас ќе отслужи петгодишен мандат. Тој е оженет и има три ќерки.