Mobile | RSS | News Feeds | Facebook | Flickr | Twitter |

Регионални извори

Кој е кој, Избори

Јоргос Папандреу

Премиер на Грција

(AНА-МПA, Катимерини, АП, Ројтерс, Блумберг, ББС, ФТ, Гардијан - 06/10/09; Ројтерс, Економист, АНА-МПА - 05/10/09; DPA, VOA - 04/10/09; http://www.papandreou.gr; http://www.ahistoryofgreece.com)
photo

Јоргос Папандреу положи свечена заклетва на функцијата премиер на Грција на 6-ти октомври 2009 година, два дена по убедливата победа на неговата партија Панхеленистичко социјалистичко движење (ПАСОК), на предвремените парламентарни избори во земјата, по повеќе од пет години во опозиција. Папандреу ќе биде и министер за надворешни работи, позиција на која тој се наоѓаше од 1999 до 2004 година, во владата на тогашниот премиер Костас Симитис.

Папандреу ја презеде премиерската функција од Костас Караманлис, чија конзервативна партија Нова демократија (НД) го доживеа својот најголем изборен пораз досега, заостанувајќи со повеќе од десет процентни поени зад социјалистите на изборите на 4-ти октомври.

Папандреу е член на една од главните политички семејства во Грција. Неговиот татко, Андреас -- кој го основал ПАСОК -- и неговиот дедо и имењак Јоргос, неколку мандати биле на премиерската функција во Грција.

Папандреу е роден во Сент Пол, Минесота, на 16-ти јуни 1952 година и се школувал во САД, Шведска и Канада. Дипломирал на социологија, на колеџот Амхерст во Масачусетс во 1975 година, а магистрирал на социологија на Лондонското училиште за економија (1977 година). Папандреу бил член на Центарот за меѓународни работи при Универзитетот Харвард од 1992 до 1993 година.

Првпат бил избран за член на парламентот во 1981 година, а за член на владата во 1985 година, кога бил назначен за заменик-министер за култура. Папандреу двапати бил министер за образование и верски прашања, како и заменик-министер за надворешни работи, пред да биде назначен за министер за надворешни работи во владата на Костас Симитис во 1999 година. H

За време на петгодишниот мандат како министер за надворешни работи Папандреу придонесол за подобрување на односите на земјата со своите соседи, особено Турција и Албанија, и вложил напори за ставање крај на прашањето на повеќе од 30-годишната поделба на Кипар. Нему му се припишува заслуга дека помогнал Грција да биде домаќин на Олимпијадата во 2004 година.

Папандреу, кој станал член на ПАСОК набргу по нејзиното основање, вршел различни функции во рамките на политичките и извршните тела на партијата до февруари 2004 година, кога беше избран за водач на партијата, по оставката на Симитис.

По двата неуспешни парламентарни избори во март 2004 и септември 2007 година, Папандреу конечно ја донесе ПАСОК до победа на предвремените избори на 4-ти октомври 2009 година. Освојувајќи 44 отсто од гласовите, партијата доби удобно мнозинство од 160 места во парламентот од 300 места, обезбедувајќи ја потребната поддршка за реформите -- за подобрување на економијата која се соочува со буџетски дефицит, кој е веќе двојно поголем од границата на ЕУ и се движи кон својата прва рецесија од 1993 година.

На 5-ти октомври грчкиот претседател Каролос Папуљас побара од Папандреу да ја формира новата влада на земјата. Тој положи свечена заклетва на премиерската функција пред архиепископот Јеронимос од атина и Цела Грција за време на церемонијата во претседателската палата на 6-ти октомври.

Решавањето на долготрајниот спор околу името со Македонија и помагањето за забрзување на кипарските мировни разговори, се само некои од предизвиците на надворешната политика со кои ќе се соочи владата на ПАСОК.

Тој течно говори англиски и шведски јазик. Папандреу е оженет и има две деца.

Кој е кој

Архива

Рен, Oли

27/01/2005