![]() |
Словачкиот дипломат Мирослав Лајчак ја презеде функцијата на висок претставник и специјален претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина (БиХ) на 1-ви јули 2007 година.
Лајчак е роден на 20-ти март 1963 година во Попрад, Словачка. Дипломирал право на Универзитетот Комениус во Братислава и студирал меѓународни односи на Државниот институт за меѓународни односи во Москва. Исто така, дипломирал и на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал“ во Гермиш-Партенкирхен, Германија.
Својата кариера Лајчак ја почнал во 1988 година, кога се вработува во чехословачкото Министерство за надворешни работи -- околу пет години пред мирната поделба на земјата во Чешка Република и Словачка, на 1-ви јануари 1993 година. Неговата прва задача во странство го носи во Москва во 1991 година. Тој работи во Чехословачката амбасада, а по јануари 1993 година во Словачката амбасада во рускиот главен град.
Од 1993 до 1994 година Лајчак бил шеф на кабинетот на тогашниот министер за надворешни работи Јозеф Моравицик. Моравицик подоцна стана премиер на земјата. Во 1994 година Лајчак ја вршел функцијата словачки амбасадор во Јапонија, позиција на која останал до 1998 година.
Од 1998 до 2001 година тој бил шеф на кабинетот на словачкиот министер за надворешни работи, Едуард Кукан -- тој, исто така, бил специјален помошник на Кукан во неговото својство на специјален претставник на генералниот секретар на ОН за Балканот.
Во 2001 година Лајчак е испратен во Белград како амбасадор на Словачка во Сојузна Република Југославија (подоцна Србија и Црна Гора), Албанија и Македонија. Лајчак имаше клучна улога во надгледувањето на референдумот за независност во Црна Гора на 21-ви мај 2006 година, додека бил личен претставник на шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана. Тој беше длабоко вклучен во неколкумесечниот процес на подготвување на референдумот, работејќи како посредник во внатрешниот спор помеѓу владејачките и опозициските партии.
Словачкиот дипломат беше избран за местото главен претставник на меѓународната заедница во БиХ -- шести откако е формирана позицијата со Дејтонскиот мировен договор од 1995 година -- додека беше на позицијата генерален директор за политички работи во Министерството за надворешни работи на земјата.
Тој ја презеде функцијата од германскиот претставник Кристијан Шварц-Шилинг, кој најпрво се очекуваше да биде последен претставник во БиХ. „Мојата намера е да продолжам да градам на основите што беа изградени за време на 12-те години спроведување на мирот и да работам заедно со водачите на Босна и Херцеговина на позиционирањето на оваа земја цврсто на патот кон ЕУ“, рече словачкиот дипломат при преземањето на функцијата.
Лајчак говори течно англиски, германски, руски и бугарски јазик, како и босански, хрватски и српски јазик.
Тој е женет и има две ќерки.