![]() |
Рајко Кузмановиќ ја презеде функцијата претседател на Република Српска (РС) на 28-ми декември 2007 година, откако победи на предвремените претседателски избори на 9-ти декември, како кандидат на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) на босанските Срби. Тој дојде на местото на Милан Јелиќ, кој почина од срцев удар на 30-ти септември 2007 година.
Кузмановиќ е роден на 1-ви декември 1931 година во Челинци, Босна и Херцеговина (БиХ).
Дипломирал на Учителската школа во Бања Лука во 1954 година, а потоа студирал право во Загреб, каде што дипломирал и се стекнал со звање Правник по управен менаџмент во 1964 година. Девет години подоцна, Кузмановиќ дипломирал на Филозофскиот факултет во Загреб, добивајќи титула Професот по педагогија и социологија. Тој ги завршил своите постдипломски студии по државно право на факултетот во Загреб во 1977 година, а три години подоцна ја добил и својата докторска титула на Правниот факултет во Мостар.
Кузмановиќ посветил голем дел од својата професионална кариера на учењето. Се вработува на Правниот факултет при Универзитетот во Бања Лука кога тој се основа во 1975 година, најпрво работејќи како предавач, а потоа и како професор. Предавал државно право и политички системи. Течно говори руски јазик.
Кузмановиќ вршел најразлични високи функции на Универзитетот во Бања Лука, вклучително и функцијата декан на Правниот факултет -- од 1983 до 1985 година и потоа од 1996 до 2000 година -- а две години бил декан на Факултетот по деловна економија. Во меѓувреме добива двегодишен мандат на позицијата ректор на универзитетот во 1986 година, а по неговото завршување добива уште два мандати како ректор, од 1988 до 1992 година.
Откако претходно четири години работел како судија, Кузмановиќ станува претседател на Уставниот суд на РС во 1998 година, функција што ја извршувал до 2002 година, а потоа станал член на Високиот судски совет на РС и Високиот обвинителски совет.
Кузмановиќ беше еден од десетте кандидати што учествуваа на претседателските избори на 9-ти декември 2007 година. Тој победи на изборите освојувајќи скоро 42 отсто од гласовите, 7 отсто повеќе од другиот главен кандидат за претседателската функција во РС, претседателот на Српската демократска партија Огњен Тадиќ.
Неговата победа уште повеќе ги зацврсти позициите на владејачката СНСД на премиерот на РС Милорад Додик, која има апсолутна власт во ентитетот на босанските Срби. Партијата беше помеѓу главните противници на зајакнувањето на централните институции во земјата, стравувајќи дека чекорите во таа насоки би можеле да доведат на крајот до укинување на РС. По блокирањето на договорот за реформи со цел обединување на полициските сили на РС со оние на Федерацијата на БиХ со години, водачите на босанските Срби на крајот се согласија на компромисен договор во ноември 2007 година, кој й овозможи на БиХ да оди напред по патот кон интеграцијата во ЕУ.
Говорејќи на церемонијата на давање свечена заклетва во парламентот на РС на 28-ми декември 2007 година, Кузмановиќ рече дека СНСД ќе „ги отфрли сите барања за радикална уставна и територијална реорганизација“ на БиХ.
„Понатамошното префрлање на надлежностите ќе мора да престане, а постои сериозна потреба некои од досега префрлените надлежности да бидат вратени“, рече Кузмановиќ.
Кузмановиќ е оженет.