![]() |
Хрватскиот парламент ја назначи Јадранка Косор за првата жена премиер на Хрватска на 6-ти јули 2009-та година, пет дена по изненадната оставка на Иво Санадер. На 4-ти јули, Косор го замени Санадер и на местото претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
Родена на 1-ви јули 1953-та година во градот Пакрац во западна Хрватска, Косор завршила средно образование во соседниот град Липик. Дипломирала право на Правниот факултет во Загреб, каде станала радио новинар во 1972-та година.
Во текот на конфликтот 1991-1995, Косор работи во Хрватското радио, водејќи радио програма за бегалци.
Таа влегува во политиката во 1995-та година, кога беше избрана за пратеник и потпретседател на Претставничкиот Дом, по поканата на починатиот претседател Фрањо Туѓман да стане член на ХДЗ. Од 1998-та до 2002-та година, Косор ја водеше унијата на жени на конзервативната партија „Катарина Зринска“.
На конвенцијата на ХДЗ во 2002-та година. Косор беше избрана за заменик-претседател на партијата под Санадер.
По победата на ХДЗ на општите избори во ноември 2003-та година, Косор беше назначена за вице-премиер и министер за семејни и ветерански прашања.
Во 2005-та година, таа беше во борбата за претседател на Хрватска, но беше поразена од шефот на државата Стипе Месиќ.
Санадер поднесе оставка речиси три месеци по влезот на Хрватска во НАТО на 4-ти април 2009-та година, среде длабоките економски проблеми и блокираните преговори за пристапување во ЕУ заради нерешениот спор околу границата со соседна Словенија.
Во нејзиното обраќање до парламентот пред да биде изгласана за премиер на 6-ти јули, Косор вети дека ќе ја продолжи политиката на нејзиниот претходник. Ветувајќи дека ќе ја води владата со „силна женска рака“, таа ги истакна економското опоравување и одблокирањето на процесот за пристапување во ЕУ како два најважни приоритети.
„Хрватска ќе стане полноправна членка на европското семејство... и покрај историската кратковидост на нашите северни соседи“, рече Косор во врска со Словенија.
Течно зборува англиски јазик.
Косор, која е самохрана мајка, е автор на две книги поезија и две книги кои обработуваат теми поврзани со војната 1991-1995 во Хрватска.