![]() Жељко Комшиќ[Getty Images] |
Жељко Комшиќ стана хрватски член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина (БиХ) на 6-ти ноември 2006 година, пет недели по општите избори во земјата на 1-ви октомври. Тој и другите двајца членови на заедничкото претседателство, Бошњакот Харис Силајџиќ и Србинот Небојша Радмановиќ беа избрани со директно гласање на народот, со четиригодишен мандат, на местото на Иво Миро Јовиќ, Сулејман Тихиќ и Борислав Паравац.
Комшиќ е роден на 20-ти јануари 1964 година во Сараево. Дипломирал на сараевскиот Правен факултет и на Факултетот за дипломатија на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.
За време на конфликтот во БиХ во периодот 1992-1995 година, Комшиќ служеше во армијата на република БиХ. Во 1995 година беше одликуван со највисокиот воен орден на армијата -- Златен лилјан.
Тогаш Комшиќ ја започна својата политичка кариера како член на Социјалдемократската партија (СДП) на БиХ. Во 2000 година беше избран за началник на општината Ново Сараево во главниот град на БиХ, позиција на која остана до 2001 година, кога стана првиот амбасадор на земјата во Белград. Неколку дена по општите избори во БиХ на 5-ти октомври 2002 година, тој поднесе оставка од функцијата, наведувајќи го како причина поразот на СДП на изборите.
На локалните избори во 2004 година тој освои нов мандат како началник на општината Ново Сараево. На оваа позиција остана до 1-ви октомври 2006 година, кога беше избран за член на претседателството на БиХ по освојувањето на 40 отсто од гласовите за хрватското место, станувајќи негов најмлад член дотогаш. Но, неговиот избор предизвика контроверзност, при што некои хрватски националисти -- меѓу кои и неговиот претходник Јовиќ -- тврдеа дека поголем дел од гласовите тој ги доби не од хрватското население, туку од бошњачките поддржувачи.
Во обраќањето на инаугуративната церемонија на новото претседателство на 6-ти ноември 2006 година, Комшиќ рече дека ги смета сите граѓани за еднакви и вети дека ќе ги извршува своите должности со интегритет.
„Ги повикувам сите граѓани на БиХ да ги поддржуваат моите напори и уверувањето дека нашата земја мора да биде демократска, цивилизирана и просперитетна, земја со владеење на правото и толеранцијата, земја во која никој не смее да биде дискриминиран, во која сите ќе бидат праведни и еднакви“, рече тој. Како член на претседателството на БиХ, јас ќе работам во согласност со уставните овластувања против социјалната неправда, криминалот и корупцијата, како и сите видови злоупотреба на службената должност.“
Комшиќ треба да го преземе осуммесечното ротирачко претседавање со претседателството од Радмановиќ во јули 2007 година.
Тој е женет и има едно дете.