Регионални извори

Кој е кој, Избори

Иво Јосиповиќ

Претседател на Хрватска

(АФП, АП, Ројтерс, ДПА, ББС, АКИ, Еуроњус, Еурактив, Кроејшн тајмс, Б92 - 18/02/10; РФЕ/РЛ - 16/01/10; AФП - 11/01/10; АП, Ројтерс - 10/01/10; Официјална веб-страница на претседателот на Хрватска)
photo

Социјалдемократот Иво Санадер положи свечена заклетва на функцијата претседател на Хрватска на 18-ти февруари 2010 година, пет недели откако го порази градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, во вториот круг од претседателските избори на 10-ти јануари. Професор по право и композитор на класична музика, тој го замени Стипе Месиќ на позицијата, станувајќи со тоа третиот избран хрватски претседател откако земјата прогласи независност од поранешна Југославија во 1991 година.

Јосиповиќ е роден на 28-ми август 1957 година во Загреб, каде што завршил средно музичко училиште, а потоа студирал Композиција на Загрепската музичка академија. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб во 1980 година, а потоа го положил и правосудниот испит. Во 1985 година магистрирал на кривично право, на Универзитетот во Загреб, каде што останал да предава кривична постапка, меѓународно кривично право и прекршочно право.

Јосиповиќ, кој, исто така, докторирал на Универзитетот во Загреб, ја застапуваше Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија.

Тој се приклучил на Лигата на комунисти на Хрватска во 1980 година и помогнал во нејзиното трансформирање во левичарска партија во европски стил, која во 1989 година беше преименувана во Лига на комунистите на Хрватска - Партија за демократски промени (СКХ-СДП) и на крајот во Социјалдемократска партија на Хрватска (СДП). Јосиповиќ ја напушта партијата во 1994 година за да се посвети себеси на правото и музиката, и во следните девет години не бил вклучен во политиката.

Во 2003 година тој е избран за член на парламентот како независен кандидат од изборната листа на СДП. Тој не го обновил своето партиско членство до 2008 година, една година откако беше реизбран во хрватскиот парламент.

Во јули 2009 година СДП -- опозиција од 2003 година -- го предложи Јосиповиќ за свој официјален претседателски кандидат. Тој беше во голем предност пред другите 11 кандидати за позицијата на Месиќ во првиот круг од претседателските избори на 27-ми декември 2009 година, освојувајќи 32 отсто од гласовите. Бандиќ, кој учествуваше како независен кандидат, беше втор со скоро 15 отсто од гласовите.

Јосиповиќ, кој вети дека ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал во ЕУ во својата претседателска кампања, постигна лесна победа во вториот круг на 10-ти јануари 2010 година, со повеќе од 60 отсто од гласовите.

При стапувањето на функцијата на 18-ти февруари, Јосиповиќ го повтори своето ветување за „нова правда“ во Хрватска, истакнувајќи дека неговата земја „мора да биде дом на демократијата и човековите права“.

„Сите ќе се обединиме во борбата против корупцијата и организираниот криминал, тој рак на општеството. Ветувам дека никогаш нема да попуштам во оваа борба“, рече тој на инаугуративната церемонија, на која присуствуваа десет балкански и централноевропски водачи, и меѓународни претставници.

На првиот ден од неговиот петгодишен мандат, Јосиповиќ, исто така, вети дека ќе работи заедно со владата „за да може Хрватска да стане членка на ЕУ што е можно поскоро“.

Јосиповиќ е автор на 85 академски и професионални дела објавени во домашни и меѓународни списанија и е композитор на 50 музички дела за различни инструменти, камерни оркестри и симфониски оркестар.

Тој говори англиски и малку германски јазик.

Јосиповиќ е женет и има една ќерка.

Кој е кој

Архива

Рен, Oли

27/01/2005