![]() |
Ѓорге Иванов, професор и политиколог, положи свечена заклетва на функцијата претседател на Македонија на 12-ти мај 2009 година, пет недели по убедливата победа со 65 отсто од гласовите, на претседателските избори во земјата.
Доаѓајќи на местото на Бранко Црвенковски, тој стана четвртиот македонски претседател откако земјата прогласи независност од Југославија во 1991 година.
Иванов се смета за водечки експерт во полето на граѓанското општество, со специјалност во политичкото управување. Како извршен директор на програмата на ЕУ Темпус во Македонија, тој придонесе за реформата во високото образование и ги воспостави постдипломските студии по англиски јазик.
Тој, исто така, беше првиот кој го воведе систематското истражување на граѓанското општество во македонското високо образование.
Иванов е роден на 2-ри мај 1960 година во Валандово. Дипломирал на правниот факултет при скопскиот универзитет Св. Кирил и Методиј во 1982 година, а потоа и магистрирал на политички науки во 1995 година.
Во 1988 година успешно ја одбранил својата докторска дисертација, насловена како „Демократијата во поделените општества“.
Неговата професионална кариера започнува во 1988 година, кога станал уредник на Македонската радиотелевизија, националниот радиотелевизиски сервис. Подоцна предава политичка теорија и политичка филозофија на Правниот факултет во Скопје. Во 1999 година станал визитинг професор на програмата за Југоисточна Европа на Универзитетот во Атина, Грција.
Следи серија академски именувања, вклучително и на универзитетите во Болоња и Сараево. Универзитетот Св.Кирил и Методиј го назначува за асистент во 1992 година, а во 2008 година е избран за редовен професор. Истата година тој станал претседател на Одборот за акредитација на високото образование во Македонија.
Иванов е политички активен уште од времето на Југославија, кога се залагал за политички плурализам и пазарна економија. Тој е основач и почесен претседател на Македонската политичка асоцијација и еден од основачите на Институтот за демократија Социетас цивилис, водечки аналитички центар во Македонија.
Тој, исто така, помогнал во покренувањето на првото македонско списание за политички науки „Политичка мисла“.
Иако не е член на централно-десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, тој ја советувал партијата околу политичките прашања, и бил активен во формулирањето на реформската програма на партијата.
Иванов положи свечена заклетва на претседателската функција на церемонијата што се одржа во македонскиот парламент на 12-ти мај 2009 година. Специјални гости на церемонијата беа претседателите Борис Тадиќ од Србија, Филип Вујановиќ од Црна Гора, Стипе Месиќ од Хрватска и Бамир Топи од Албанија.
„Мојата политичка агенда е јасна“, рече тој, ветувајќи дека ќе работи на членството во НАТО и ЕУ, како и за благосостојбата на земјата. Тој рече дека ќе се бори за добрососедски односи со сите соседни земји и земјите од регионот, особено со Грција.
„Несомнено ги делиме истите европски вредности, го сонуваме истиот европски сон“, рече Иванов.
Тој е автор на три книги и бројни студии на различни јазици, како и учесник на семинари и симпозиуми.
Иванов е оженет и има едно дете.