![]() Игор Лукшиќ[Getty Images] |
Игор Лукшиќ стана премиер на Црна Гора на 29-ти декември 2010 година, доаѓајќи на местото на Мило Ѓукановиќ, кој поднесе оставка осум дена претходно, откако ја водеше оваа балканска држава повеќе од две децении.
Роден на 14-ти јуни 1976 година во крајбрежниот јадрански град Бар, Лукшиќ дипломирал на Економскиот факултет во Подгорица во 1998 година, каде што исто така се стекнал со магистерска и докторска титула во 2002, односно во 2005 година.
Од јуни 1998 година до февруари 2000 година, тој работи во црногорското Министерство за надворешни работи, а потоа и во владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, како советник за меѓународни односи до јануари 2001 година.
Лукшиќ станува член на црногорскиот законодавен дом по предвремените парламентарни избори во април 2001 година. На пратеничката функција останува до 2009 година.
Во март 2003 година тој беше назначен за заменик-министер за надворешни работи во владата на лабавата државна заедница на Србија и Црна Гора. На функцијата останува до февруари 2004 година, кога за првпат беше назначен за министер за финансии на Црна Гора.
Близок соработник на Ѓукановиќ, Лукшиќ останува на ова позиција во Министерството за финансии три мандати. Тој, исто така, беше и вицепремиер два мандати, додека Ѓукановиќ не го назначи за свој наследник по своето повлекување на 21-ви декември 2010 година.
Водачот на ДПА, кој ја водеше земјата кон нејзината независност од Србија во јуни 2006 година, поднесе оставка од премиерската функција само четири дена откако Црна Гора беше признаена за официјална кандидатка на ЕУ.
Парламентот го одобри Лукшиќ за нов премиер на земјата со 45 наспрема 25 гласови, и двајца воздржани, на 29-ти декември 2010 година.
Во своето прво обраќање пред парламентот, Лукшиќ вети континуитет на политиката на својот претходник. Тој, исто така, вети дека ќе се бори против корупцијата и ќе се фокусира на спроведувањето на потребните реформи за Црна Гора да ги отвори разговорите за пристапување со ЕУ, како и дека ќе води политика на добрососедски односи и регионална соработка со другите земји на Балканот.
„Сите ние, владата, парламентот, локалните власти и општеството мораме да покажеме решителност и подготвеност да го користиме знаењето и способностите ... за целосната европска интеграција“, рече Лукшиќ.
Црногорскиот премиер, кој има објавено книга на поезија и проза, насловена како „Книга на смеењето“ во 2001 година, течно говори англиски и солидно го познава францускиот и италијанскиот јазик. Тој е, исто така, активен блогер.
Лукшиќ е оженет и има две ќерки.