![]() |
Владимир Филат ја презеде функцијата премиер на Молдавија на 25 септември 2009-та година, речиси два месеци по општите избори, на кои неговата Либерална демократска партија (ЛДПМ) се појави како втора по големина политичка сила по Комунистичката партија во земјата (КПРМ).
Изборите одржани на 29 јули го отворија патот за формирање на владејачка коалиција, наречена Алијанса за европска интеграција (АЕИ), вклучувајќи ја ЛДПМ, Либералната партија (ЛП), Демократската партија (ДП) и сојузот „Наша Молдавија“ (СНМ). Четирите политички партии освои 53 места наспрема 48 за КПРМ во 101-члениот парламент. Ова им овозможи да го соборат тогашниот комунистички претседател Владимир Воронин по осум години власт.
Филат го замени привремениот премиер Виталие Пирлог кој беше на оваа функција само 11 дена.
Роден на 6 Мај 1969-та година, во селото Лапушна, во близина на градот Ханцести, јужно од Кишињев. Филат заврши коаперативен колеџ во главниот град на Молдавија во 1990-та година и отиде да студира право на Универзитетот Александру Јоан Куза во градот Јаси, во Романија.
По дипломирањето во 1994 година, тој стана претприемач, со деловни активности на двете страни на границата во текот на следните четири години. Во текот на тој период, тој доби романско државјанство и стана член на Демократската партија на Молдавија во 1997-та година.
По неговото враќање во Молдавија во 1998-та година, Филат го водеше Одделот за приватизација и администрација на државниот имот во Кишињев. Тој остана на таа функција до март 1999-та година, кога тој беше назначен за министер на државата во централно-десничарската влада на Јон Штурца, кој беше соборен во декември истата година. Од 2000-та до 2005-та година тој беше повторно претприемач.