![]() |
Реџеп Тајип Ердоган стана премиер на Турција на 14 март 2003 година, пет дена откако победи на дополнителните избори во провинцијата Сирт. Лидер на Партијата на правдата и развојот (ППР), Ердоган го презеде премиерското место од заменикот на неговата партија, Абдула Ѓул, кој беше на чело на Владата по убедливата победа на ППР на изборите во ноември 2002 година.
Ердоган е роден на 26 февруари 1954 година во Ризе, во северна Турција. Во 1967 година, со своето семејство се сели во Истанбул, каде подоцна дипломира на Бизнис колеџот при универзитетот "Мармара" на отсекот за менаџмент.
Во 1994 година, Ердоган е избран за градоначалник на Истанбул, со четиригодишен мандат, како кандидат на Партијата на благосостојба на Неџметин Ербакан. Како градоначалник, јавноста го ценеше Ердоган поради тоа што ги подобри услугите, а и го направи градот позелен и почист. Во 1998 година Уставниот суд ја забрани Партијата на благосостојба по што Ердоган й се приклучи на Доблесната партија, која се појави од пепелта на својот забранет претходник. Тој мораше да даде оставка на местото кога подоцна таа година, судот го осуди за поттикнување на религиозна омраза и му изрече казна десет месеци затвор, од кои тој отслужи четири месеци во 1999 година.
Во 2001 година, и Доблесната партија беше забранета поради кршење на секуларните закони, по што Ердоган ја формираше ППР во август 2001 година, која триумфираше на изборите во ноември 2002 година.
Иако Ердоган беше најпопуларниот политичар во Турција за време на изборите, нему според Уставот му беше забрането да се кандидира за јавна функција и затоа не можеше да добие место во Парламентот, кое му беше потребно за да стане премиер. Откако доби близу 35 проценти од гласовите, ППР можеше да формира своја Влада, а и да добие комотно парламентарно мнозинство. Наскоро откако законодавниот дом беше оформен, пратениците на ППР изгласаа амандмани на Уставот, со што му го отворија патот на Ердоган кон премиерското место.
Осврнувајќи се на загриженоста во и надвор од Турција дека доаѓањето на власт на партија со исламистички корени може да претставува закана за секуларното уредување, Ердоган и другите партиски лидери тврдеа дека ППР нема тајна религиозна агенда, туку дека имаат про-западна конзервативна програма. Ердоган го истакна влезот на Турција во ЕУ за највисок приоритет, ветувајќи реформи за да ја направи Турција подемократска и плуралистичка и да ја доведе во склад со критериумите за членство на Унијата. Исто така, тој изјави дека се залага за строга програма поддржана од ММФ за справување со економската криза која ја погоди Турција во 2001 година.
Два дена откако Ердоган го доби своето место во Парламентот, Ѓул поднесе оставка за да го ослободи местото за водачот на ППР, за кој веќе нашироко се сметаше дека е вистинскиот водач на земјата.
Турскиот претседател Ахмет Неџдет Сезер го одобри новиот кабинет предложен од Ердоган и го наименуваше за премиер.
Ердоган е оженет и има четири деца.