![]() [Getty Images] |
Деметрис Христофиас, водачот на комунистичката партија АКЕЛ, положи свечена заклетва на функцијата претседател на Република Кипар на 28-ми февруари 2008 година, четири дена откако го порази конзервативниот поранешен министер за надворешни работи Јоанис Касулидес, во вториот круг од изборите. Тој го замени Тасос Пападопулос од централнодесничарската партија ДИКО и стана шестиот претседател на овој медитерански остров откако истиот доби независност во 1960 година.
Христофиас е роден на 29-ти август 1946 година во селото Дикомо, во округот Киренија од северниот дел на Кипар, со кој сега управуваат Турците. Син на градежен работник, тој завршил историја на Институтот за социјални науки во Москва во 1974 година и се стекнал со докторска титула по историја на Академијата за социјални науки во Советскиот Сојуз.
Христофиас влегол во политиката на 14 години, кога станал член на младинската организација на АКЕЛ. Во 1964 година станал член на АКЕЛ, на Панкипарската федерација на трудот (ПЕО) и на Обединетата демократска младинска организација (ЕДОН), која ја предводел од 1977 до 1987 година.
Христофиас постепено напредувал во редовите на АКЕЛ пред да биде избран за генерален секретар на партијата на 22-ри април 1988 година, по смртта на Езекиас Папајоану претходно тој месец. Тој беше реизбран четирипати на функцијата, последен пат во 2005 година. Следбеник на Че Гевара, тој е познат по својата страст да носи маици со ликот на марксистичко-ленинистичкиот револуционер роден во Аргентина.
Христофиас за првпат беше избран за член на Претставничкиот дом во 1991 година и потоа беше реизбран на парламентарните избори во 1996 година, 2001 и 2006 година. Тој беше избран за претседател на Претставничкиот дом во 2001 година, а потоа повторно во 2006 година. Ја напушти администрацијата во 2007 година.
Пападопулос, кој се бореше за реизбор, излезе од трката по првиот круг гласање на 17-ти февруари, кога беше трет, по Касулидес и Христофиас, кои ветија дека ќе се заложат за обновување на разговорите за ставање крај на 34-годишната поделеност на островот.
Христофиас го поддржи Пападопулос за време на неговата прва кандидатура за претседател во 2003 година, а потоа во неговата кампања против планот спонзориран од ОН за повторно обединување на островот во 2004 година. Предложеното решение беше одбиено со огромно мнозинство од страна гласачите на кипарските Грци, на референдумот во април истата година. Иако мнозинството кипарски Турци гласаа за планот, на крајот единствено меѓународно признаениот дел од островот на кипарските Грци пристапи во ЕУ на 1-ви мај 2004 година, претставувајќи ја целата земја.
Со поддршка од ДИКО и социјалистичките партии ЕДЕК, Христофиас победи на вториот круг од претседателските избори на 24-ти февруари, со водство од скоро 7 отсто пред Касулидес, кој беше за 0,2 отсто пред водачот на АКЕЛ во првиот круг од изборите. Во своето обраќање пред поддржувачите новоизбраниот претседател вети дека ќе работи на обновување на блокираниот мировен процес.
Откако беа јасни резултатите од изборите, водачот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат, му се јави на водачот на АКЕЛ и му ја честита победата и двајцата се согласија да се состанат во блиска иднина и да ги обноват напорите за повторно обединување.
„Им подавам пријателска рака на кипарските Турци и на нивното раководство“, рече Христофиас во првото постизборно обраќање пред илјадници воодушевени поддржувачи на стадионот Елефтерија, во Никозија. Тој, исто така, изрази надеж дека водачите на кипарските Турци ќе покажат „значителна соработка за доброто на двете заедници, и пред сé праведно, остварливо и функционално решение на кипарскиот проблем“.
На почетокот од својот петгодишен мандат на 28-ми февруари Христофиас рече дека постигнувањето решение за кипарскиот проблем претставува главен приоритет на неговата влада.
„Главната грижа и задача на нашето претседателство е решението на кипарскиот проблем“, рече тој на церемонијата на положување свечена заклетва во парламентот. „Решение, кое повторно ќе ја обедини територијата, народот, институциите и економијата на нашата земја во рамките на бизонална федерација на две заедници... Федерална, бизонална Република Кипар, на две заедници, мора да има единствен суверенитет и меѓународен карактер и единствено државјанство. Решението мора да се заснова на резолуциите на ОН за Кипар и да биде компатибилно со меѓународното право и правото на ЕУ, како и со меѓународните конвенции за човековите права.“
Христофиас течно говори руски и англиски јазик.
Тој е женет и има две ќерки и еден син.