![]() |
Парламентот на Федерација на Босна и Херцеговина (ФБиХ) го избра Неџад Бранковиќ од најголемата Бошњачка партија за демократска акција (СДА) за премиер на муслиманско-хрватскиот ентитет на БиХ на 30-ти март 2007 година. Тој беше назначен на функцијата шест месеци по општите избори во земјата на 1-ви октомври 2006 година. Бранковиќ дојде на местото на Ахмет Хаџипашиќ, исто така од СДА, на чело на владата на федерацијата.
Бранковиќ е роден на 28-ми декември 1962 година во Вишеград во источна БиХ. Дипломирал на Градежниот факултет при Универзитето во Сараево во 1987 година. Магистрирал во Сараево во 1999 година, а докторирал во 2006 година.
Во 1987 година Бранковиќ се вработил во Институтот за транспорт во Сараево, каде што работел до 1992 година. Во текот на следните пет години бил генерален директор на јавното железничко претпријатие на БиХ, а од 1998 до 2002 година генерален директор на сараевското претпријатие Енергоинвест. Потоа продолжил како совцетник на следниот генерален менаџер на претпријатието, до 2003 година, кога бил назначен за министер за транспорт и комуникации во кабинетот на Хаџипашиќ, останувајќи на функцијата за целиот четиригодишен мандат.
Бранковиќ е виш асистент на Факултетот за транспорт и комуникации при Сараевскиот универзитет.
Од 1992 до 1993 година Бранковиќ бил припадник на Армијата на БиХ, а подоцна бил одликуван со „Златен лилјан“, највисок воен орден.
Бранковиќ е член на највисоките тела на СДА од 1990 година, а два мандати бил и член на Претставничкиот дом на парламентот на ФБиХ.
Тој, исто така, бил и претседател на фудбалскиот клуб Железничар и член на Олимпискиот комитет на БиХ.
На изборите во октомври 2006 година СДА беше прва на изборите во ФБиХ, освојувајќи 26 отсто од гласовите. На 17-ти јануари 2007 година партијата го номинираше Бранковиќ за свој кандидат за премиер на БиХ.
Петпартиската владина коалиција предложена од Бранковиќ беше избрана од страна на долниот дом на парламентот на ентитетот и положи свечена заклетва на 22-ри март. Но, следниот ден високиот претставник Кристијан Шварц-Шилинг ја поништи одлуката за владиното назначување, велејќи дека кандидатот за министер за внатрешни работи, Фадил Јагањац, од Бошњачката партија за Босна и Херцеговина не ја исполнил потребната процедура на проверка. Партијата тогаш го предложи Амухидин Алиќ за нов кандидат за местото, а новата 16-члена влада, која вклучуваше осум бошњачки, пет хрватски и три српски министри беше потврдена на 30-ти март.
Во мај Бранковиќ рече дека програмата на неговата влада ќе се фокусира на приоритетните проекти со цел подобрување на економските и фискалните услови во федерацијата, изградбата на патишта и исполнувањето на обврските кон ветераните. I
Бранковиќ е оженет и има две деца.