![]() |
Емил Боц положи свечена заклетва на функцијата премиер на Романија на 22-ри декември 2008 година. Водачот на Демократската либерална партија (ПДЛ) беше номиниран на позицијата на 15-ти декември, откако Теодор Столојан ја повлече својата кандидатура, две недели по општите избори во државата на 30-ти ноември. Боц го замени водачот на Националната либерална партија (ПНЛ) Калин Попеску Таричеану, кој ја предводеше романската централно-десничарска влада по парламентарните избори во ноември 2004 година.
Централно-левичарската коалиција помеѓу партијата на Боц и Социјалдемократската партија (ПСД) на Мирчеа Џоана беше одобрена со 324:115 гласови во дводомниот парламент од 454 места. ПДЛ и ПСД добија здружено парламентарно мнозинство од 70 отсто на изборите.
Боц е роден во селото Рачителе, округот Клуј, на 6-ти септември 1966 година. Тој дипломирал право во 1995 година и станал доктор на политички науки и политичка филозофија на Универзитетот Бабес-Бољаи во Клуј-Напока во 2000 година. Боц предавал уставно право и политички институции, романски политички систем и јавни слободи во Романија, на Универзитетот Бабес-Бољаи.
Тој е член на Американската асоцијација на политички науки од 1994 година и на Романското друштво на политички науки од 1999 година.
Политичката кариера на Боц започнува во 2000 година, кога беше избран за член на парламентот од листата на Демократската партија (ПД). Во 2004 година тој го порази екстремниот десничарски политичар Георге Фунар за градоначалничката позиција во Клуј-Напока, најголемиот град на неговата родна Трансилванија и беше реизбран на местото во првиот круг од локалните избори во Романија во јуни 2008 година.
Боц беше избран за извршен претседател на ПД во 2003 година. Трајан Башеску, кој ја предводеше партијата во тоа време, победи на претседателските избори во декември 2004 година и Боц го замени на претседателското место во партијата. Во декември 2007 година ПД се спои со Либерално демократската партија и заедно ја формираа ПДЛ, а Боц застана на чело на новата политичка партија.
Боц беше градоначалник на Клуј-Напока кога од него беше побарано да ја формира новата влада на Романија. Во своето обраќање пред гласањето за неговиот предлог за влада една недела подоцна, тој вети понатамошни економски реформи и намалување на буџетските трошоци заради справување со светската финансиска и економска криза.
„Кризата не е изговор да нема реформи“, рече Боц. „Ќе имаме одмерена влада, која ќе ги намали трошоците за 20 отсто“, додаде тој, уверувајќи ги пратениците дека неговата влада нема „да се двоуми да преземе цврсти мерки, исто како што нема да ја жртвува својата социјална политика за олеснување на тешките последици од кризата.“
Боц говори англиски и француски јазик. Тој е оженет и има две ќерки.