![]() |
Трајан Басеску, претседател на центристичката Демократска Партија (ПД), беше избран за претседател на Романија на 12-ти декември 2004-та година, победувајќи го премиерот Настасе од Социјал Демократската Партија (ПСД) во втор круг од изборите. Тој го наследи Јон Илиеску, чиј втор последователен мандат заврши. За време на гласањето, Басеску неколку месеци го отслужуваше својот втор мандат како градоначалник на Букурешт.
Басеску е роден на 4-ти ноември 1951-та година во градот Басараби во областа Констанца. Дипломирал на отсекот по економија на Поморскиот институт во Констанца во 1976-та година и 11 години работел како капетан на брод. Во 1987-та година, стана директор на агенцијата Навром во Антверп, Белгија. Две години подоцна, беше назначен за генерален директор на инспекторатот за цивилна навигација на министерството за транспорт, подоцна станувајќи потсекретар на одделот за поморски транспорт.
По соборувањето на комунизмот во Романија, Басеску влезе во политиката, приклучувајќи се кон Националниот ослободителен фронт. По неговата поделба во 1992-та година, тој стана член на ПД.
Басеску два пати беше министер за транспорт, од 1991-та до 1992-та година и повторно од 1996-та до 2000-та година.
Тој беше избран за пратеник во парламентот во 1992-та година и беше претседател на Комисијата за индустрија и услуги на Домот на пратеници. Доброволно даде оставка во 1996-та година, откажувајќи се од својот имунитет за да ја олесни истрагата против него во врска со една приватизациска зделка. Истрагата не успеа да обезбеди докази за негова наводна вмешаност.
Како кандидат на ПД, Басеску го доби својот прв мандат како градоначалник на Букурешт во јули 2000-та година. Тој беше повторно избран во јуни 2004-та година, кога го победи кандидатот на ПСД, министерот за надворешни работи Мирчеа Џоана во првиот круг од изборите.
Басеску беше избран за претседател на ПД во 2001-та година, заменувајќи го Петре Роман на партиското кормило. Во септември 2003-та година, ПД и Националната Либерална Партија на Теодор Столојан (ПНЛ) ја формираа опозициската коалиција за Правда и развој.
Столојан беше предложен како кандидат на коалицијата за претседателските избори на 28-ми ноември 2004-та година. Изненадно, на помалку од два месеци пред гласањето, лидерот на ПНЛ објави повлекување од трката, наведувајќи го лошото здравје како причина за тоа. После тоа Басеску стана нов кандидат на коалицијата.
Настасе имаше водство од 7 отсто во првиот круг од гласањето но, беше поразен од Басеску во вториот круг. Новиот претседател рече дека борбата против корупцијата ќе биде еден од неговите главни приоритети, заедно со членството на Романија во ЕУ.
Тој е оженет и има две ќерки.