![]() Жозе Баросо[Getty Images] |
Поранешниот португалски премиер Жозе Мануел Дурао Баросо го замени Италијанецот Романо Проди на претседателската функција во Европската комисија (ЕК) на 1-ви ноември 2004 година. Водачите на земјите-членки на ЕУ едногласно го номинираа на оваа позиција, на специјалниот самит во Брисел на 29-ти јуни 2004 година и Европскиот парламент го одобри на 22-ри јули 2004 година. Баросо е 11-тиот претседател на ЕК од 1958 година.
Баросо е роден во Лисабон на 23-ти март 1956 година. Дипломирал право на Лисабонскиот универзитет во 1978 година, а магистрирал на економски и социјални науки на Женевскиот универзитет во Швајцарија во 1981 година. Тој има почесна диплома по Европски студии, исто така, од Женевскиот универзитет.
Пред португалската Револуција на каранфилите на 25-ти април 1974 година, Баросо беше член на левичарското Движење за реорганизација на Пролетерската партија, кое го напушти во 1977 година. Три години подоцна, тој се приклучи на централнодесничарската Португалска социјалдемократска партија (ПСД). Тој за првпат беше избран за претседател на ПСД во мај 1999 година и оттогаш уште двапати беше реизбран на позицијата. Исто така во 1999 година Баросо беше избран за заменик-претседател на Европската народна партија.
Баросо беше назначен за државен секретар за внатрешни работи во владата на премиерот Анибал Кавако Силва во 1985 година, на возраст од 29 години. Во 1987 година тој беше именуван за државен секретар за надворешни работи и соработка, и беше клучниот преговарач во разговорите што доведоа до привремен прекин на огнот во 15-годишната војна во Ангола во 1991 година. Во 1992 година Баросо стана министер за надворешни работи -- функција која ја вршеше до 1995 година.
ПСД изгуби на изборите во 1995 година и Баросо, кој освои парламентарно место на изборите, ја предводеше собраниската комисија за надворешни работи. На парламентарните избори во 2002 година ПСД беше прва, но не успеа да обезбеди чисто мнозинство и формираше коалициска влада со конзервативната Народна партија. На 6-ти април 2002 година Баросо беше назначен за премиер.
Како реформатор кој се залага за кратење на трошоците, Баросо воведе строга програма за намалување на буџетскиот дефицит на Португалија, која го направи непопуларен и се одрази на резултатите од изборите за Европскиот парламент во 2004 година.
На 29-ти јуни 2004 година Баросо ја прифати својата номинација да стане следен претседател на ЕК, во време обесхрабрувачки предизвици за Унијата.
Покрај својот роден португалски јазик, Баросо течно говори и англиски, француски и шпански.
Тој е оженет и има три деца.