Регионални извори

Кој е кој, Избори

Кристијан Шварц-Шилинг

Висок претставник во Босна и Херцеговина

(Канцеларија на високиот претставник, ФЕНА - 31/01/06; ББС-си - 30/01/06; Дојче Веле, Интернешанал Хералд Трибјун, АФП - 14/12/05)
photo

Кристијан Шварц-Шилинг. [Гети Имиџис]

Германецот Кристијан Шварц-Шилинг ја презеде функцијата висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина (БиХ) од Британецот Педи Ешдаун на 31-ви јануари 2006 година. Како и неговиот претходник, поранешениот министер за телекомуникации беше назначен и за специјален претставник на ЕУ во оваа балканска земја.

Шварц-Шилинг, првото дете на познатиот композитор Рихард Шварц-Шилинг, е роден на 19-ти ноември 1930 година во Инсбрук, Австрија. Во 1956 година докторирал Кинески студии на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен.

Во периодот 1957-1982 година Шварц-Шилинг бил на чело на успешно средно претпријатие за производство на батерии и електронска опрема во Будинген, во државата Есен.

Шварц-Шилинг ја започнува својата политичка кариера во 1960 година, кога станува член на конзервативната Христијанска демократска унија (CDU). Од 1966 до 1976 година Шварц-Шилинг е член на регионалниот парламент во Есен. Во меѓувреме тој станува генерален секретар на CDU во Есен во 1967 година. Во периодот 1976-2002 година тој е пратеник во германскиот национален парламент, Бундестагот. Во текот на последните осум години од неговата кариера како пратеник, тој беше претседател и заменик-претседател на парламентарниот совет за човекови права и хуманитарна помош.

Во 1982 година, Шварц-Шилинг стана дел од првиот кабинет на тогашниот Канцелар Хелмут Кол како министер за телекомуникации и поштенски услуги. Тој поднесе оставка од функцијата во 1992 година во знак на протест за неуспехот на владата да интервенира во конфликтот во поранешна Југославија. Тој му рече на канцеларот дека е „засрамен“ што е дел од една таква влада и дека се повлекува бидејќи тој влегол во политиката со цел да се погрижи злосторствата како оние извршени од нацистичкиот режим да „не се повторат“.

Веднаш потоа, Шварц-Шилин стана дел од напорите за обезбедубвање на хуманитарна помош. Во последната година од конфликтот во БиХ тој стана меѓународен посредник за земјата, функција на која остана до 2004 година. Во меѓувреме, посети над 50 заедници во областа, стекнувајќи почит како праведен арбитар.

Во октомври 2005 година, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер го назначи Шварц-Шилинг за заменик на Ешдаун, а на 14-ти декември истата година раководното тело на Советот за спроведување на мирот (ССМ) официјално го назначи за следен висок претставник во БиХ.

На преземањето на оваа функција на 31-ви јануари 2006 година, Шварц-Шилинг рече дека верува дека неговите функции и тие на неговата канцеларија ќе исчезнат во блиска иднина, но дека тој ќе остане во БиХ како висок претставник.

„Големи се шансите Босна и Херцеговина да потпише Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ и да се приклучи кон програмата Партнерство за мир на НАТО за време на мојот мандат, “, рече тој во своето прво телевизиско обраќање. „Тоа се две значајни пресвртници на патот кон европска и евро-атлантска интеграција. Неопходните чекори се познати – и тие ќе ја сочинуваат агендата за мојата работа“.

Потврдувајќи го назначувањето на Шварц-Шилинг, раководното тело на ССМ даде краток преглед на листата на 11 приоритети кон кои БиХ треба да го насочи вниманието со цел да ги надмине долготрајните меѓуетнички проблеми. Модернизирањето на државното уредување од Дејтон, предавањето на сите останати воени злосторници во Хаг и продолжувањето на процесот на враќање на бегалците се главните приоритети. Меѓу другите задачи на агендата се зајакнувањето на економскиот развој и завршување на реформите во полицијата и одбраната.

Шварц-Шилинг е оженет, има две деца и четири внуци.

Кој е кој

Рен, Oли

27/01/2005

Архива