Регионални извори

Кој е кој, Избори

Костас Караманлис

премиер на Грција

(Веб-страница на Нова Демократија, Атинска новинска агенција; BBC; Фајненшал Тајмс; CNN; Ројтерс)
photo

Костас Караманлис положи свечена заклетва како премиер на Грција на 10-ти март 2004 година, три дена откако неговата партија Нова Демократија (НД) извојува огромна победа на парламентарните избори, со што ја поврати моќта по повеќе од една деценија.

Караманлис ја презеде функцијата од својот претходник, Костас Симитис, во една критична фаза на преговорите со ОН за повторно обединување на Кипар. Именувајќи го за свој главен приоритет, премиерот даде заклетва дека ќе работи за „праведно, спроведливо и европско решение“ за поделениот медитерански остров.

Друго неодложно прашање со кое треба да се справи владата, што истовремено претставува и главен тест за новиот водач на земјата, е летната Олимпијада Атина 2004. Ветувајќи дека ќе ги направи Игрите „најдобри и најбезбедни до сега“, Караманлис одлучи да преземе лична одговорност, паралелно водејќи го и министерството за култура, коешто е одговорно за подготовките.

Ние „нема да имаме грејс период“, рече Караманлис на првата седница на владата. „Наша должност е да делуваме со скромност, понизност, храброст, одлучност, визија, планирање, оптимизам и ентузијазам.

Караманлис е член на една од двете највлијателни политички династии во Грција. Неговиот чичко и истоименик, поранешниот грчки премиер и претседател Константин Караманлис, ја основа НД во 1974 година. Постариот Караманлис преговараше за влез на Грција, во 1981 година, во она што тогаш беше познато како Европска Економска Заедница.

Новиот грчки премиер стана член на партијата во 1979 година и беше претставник на НД за Солун од 1989 година. Караманлис го презеде водството со партијата во март 1997 година и стекна репутација на остроумен политичар.

Караманлис е роден на 14-ти септември 1956 година во Атина. Дипломирал на Правниот Факултет во Атина во 1979 година, а потоа студирал економија на приватниот колеџ Дери. Тој е магистер од областа на политичките науки и економијата и доктор по дипломатска историја, титули што ги добил на Факултетот за право и дипломатија Флечер на Универзитетот Тафтс во Соединетите Американски Држави, каде што студирал во периодот од 1980 до 1984 година.

Караманлис се занимавал со право од 1984 до 1989 година и предавал политичка наука, дипломатска историја и колективно право на Колеџот Дери во периодот од 1983 до 1985 година.

Караманлис зборува англиски, германски и француски јазик. Тој е оженет со Наташа Пацаитис и има две деца.

Кој е кој

Архива

Рен, Oли

27/01/2005