![]() |
Иво Миро Јовиќ беше избран за хрватски претставник на тројното претседателство на Босна и Херцеговина (БиХ) на 9-ти мај 2005-та година. Тој го замени Драган Човиќ, кој беше отстранет од функцијата на 29-ти март од страна на Високиот претставник Педи Ешдаун.
Член на Хрватската Демократска Заедница во БиХ, Јовиќ е претседател на претседателството на БиХ од 28-ми јуни 2005-та година, а на таа функција ќе остане се до следното ротирање, кое треба да се случи на почеток од 2006-та година.
Јовиќ е роден на 15-ти јуни 1950-та година, во Требизат, Чаплина. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Сараево, а студирал економија во Риека. Подоцна станува професор во Илијаш, а потоа во Кисељак, каде што живее денес. Тој, исто така, беше раководител на еден образовен центар за возрасни.
Во периодот од 1997-та до 1999-та година, Јовиќ беше заменик-министер за образование, наука, култура и спорт во кантонот Средна Босна. Од 1999-та до 2001-та година, тој беше заменик-министер за образование, наука, култура и спорт во Федерацијата Босна и Херцеговина. Во периодот од 1992-та година до 2002-та година, тој, исто така, беше потпретседател на централната администрација на хрватската културна асоцијација „Напредак“ во Сараево.
Јовиќ беше претставник на ХДЗ-Демо христијанската партија во претставничкиот дом во парламентотот на БиХ во периодот од 2002-та година до 2005-та година.
Освен хрватски, Јовиќ зборува француски и германски јазик. Тој е оженет, има три деца и еден внук.