20/06/2012
Францускиот големопродажен гигант ќе му го продаде својот удел од 50 отсто во супермаркетите на локален партнер. Исто така во деловните вести: пушачите во Југоисточна Европа трошат речиси 20 отсто од своите месечни приходи на цигари.
![]() Грција е единствениот непрофитабилен пазар на „Керфур“. [Ројтерс] |
Во петокот (15. јуни), „Керфур“ изјави дека се повлекува од Грција, единствениот непрофитабилен пазар. Компанијата планира да му го продаде својот удел од 50 отсто во грчкиот синџир на својот локален партнер, семејството Маринопулос, за едно евро. Оваа компанија е присутна и на Кипар, во Бугарија, Албанија и во други балкански земји.
***
Податоците на ЕУРОСТАТ покажаа дека Романија е една од членките на ЕУ со најголем удел обновлива енергија во конечната бруто потрошувачка на енергија. Овој удел беше 23,4 отсто во 2010 година, во споредба со просекот за ЕУ од 12,4 отсто. Бугарија е исто така над просекот на ЕУ со своите 13,8 отсто. Грција и Кипар се под овој просек со 9,2 отсто и 4,8 отсто.
***
Турската ковачница на пари ја дистрибуираше првата монета без ликот на Мустафа Кемал Ататурк на страните. Монетите, од кои 1 милион веќе се употребуваат, биле произведени за одбележувањето на десетгодишнината на турските олимписки игри, настан организиран за децата.
***
Во вторникот (19. јуни) ланецот за брза храна „Бургер кинг“ најави дека го напушта романскиот пазар. „Атлантик ресторант систем“ што ја води франшизата на „Бургер кинг“ во земјата, рече дека оваа недела ќе ги затвори и последните два ресторана.
***
Во четвртокот (14. јуни), „Туркиш ерлајнс“ од Турција изјави дека го прекинува своето партнерство со „БХ ерлајнс“ од Босна и Херцеговина. Турскиот авиопревозник купи удел од 49 отсто во компанијата во 2008 година за 6,1 милиони американски долари и во меѓувреме инвестираше дополнителни 24 милиони американски долари.
***
Во понеделникот (18. јуни), Давор Томашковиќ, претседател на хрватската тутунска фабрика Ровињ, рече дека пушачите во Југоисточна Европа трошат речиси една петина од својот месечен доход на цигари. Тој рече дека месечниот трошок за цигари во Хрватска достигнал 17 отсто од вкупниот доход во 2011 година во однос на 12 отсто во 2008 година. Во Србија, уделот е пораснат од 14 отсто на 17 отсто, додека во Босна и Херцеговина е зголемен од 15 отсто на 19 отсто. Наглото зголемување се должи на повисоките цени на цигарите.
***
Во понеделникот (18. јуни), во Москва, премиерот Никола Груевски рече дека енергетиката, туризмот и земјоделието се економските сектори што во Македонија нудат најдобар потенцијал за руски инвестиции. Во текот на состанокот со руските бизнисмени, Груевски ги акцентираше погодните економски услови во својата земја, особено во однос на даночната политика.
***
Во петокот (15. јуни) Турција и ЕУ се договорија да ја продлабочат својата соработка во сферата на енергетиката. На состанокот во Штутгарт, официјалните претставниците се согласија да ги фокусираат напорите на интегрирање на пазарите и на развивање инфраструктура за превоз на гас, нафта и електрична енергија, на промовирање на обновлива енергија и на технологии на чиста енергија, како и на обезбедување на нуклеарна безбедност и заштита против радијацијата.
(Разни извори - 13.06.2012-20.06.2012)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's