25/04/2012
Оваа година ќе биде отворен тендер за трет аеродром во Истанбул. Исто така во бизнис вестите: владата на БиХ усвои буџет за 2012 година и Романија планира да го реорганизира својот даночен систем.
![]() Меѓународниот аеродром Ататурк опслужи 20,3 милиони патници на меѓународните летови и 11,8 милиони патници на домашните летови во 2010 година. [Ројтерс] |
Tурскиот министер за транспорт, Бинали Јилдирим, во саботата (21-ви април) објави дека владата оваа година ќе објави тендер за изградба на трет аеродром во Истанбул, во обид за намалување на прометот на постојните два објекти. Меѓународниот аеродром Ататурк во градот опслужи 20,3 милиони патници на меѓународните летови и 11,8 милиони патници на домашните летови во 2010 година.
***
Светска банка е подготвена да й додели заем на Maкедонијa во висина од 100 милиони американски долари (75,7 милиони евра) за унапредување на економските реформи и подобрување на здравството, образованието и социјалната заштита во земјата, објави во неделата (22-ри април) Министерството за финансии во Скопје. Оваа изјава уследи по состаноците меѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески, и официјални претставници на Светската банка/ММФ во Вашингтон.
***
Централната влада на Босна и Херцеговинa на 18-ти април го усвои долгоодложуваниот државен буџет за 2012 година. Фискалната рамка предвидува кратења на платите и трошоците, додека земјата се обидува да обезбеди разговори за нов кредит со претставниците на ММФ следниот месец.
***
Српската Стопанска комора официјално отвори своја канцеларија во Загреб на 18-ти април, со цел зајакнување на бизнис присуството на земјата во Хрватскa и подобрување на билатералните економски врски. Хрватската Стопанска комора има своја канцеларија во Белград веќе десет години. Во моментов околу 200 хрватски претпријатија работат во Србија, додека присуството на српските бизниси и инвестиции во Хрватска е минимално.
***
Бугаријa е меѓу земјите-членки на ЕУ со најниски нивоа на владин долг, покажаа податоците на Еуростат во понеделникот (23-ти април). Минатата година државниот долг на Бугарија изнесуваше 16,3 отсто од БДП, што е второ најниско ниво во блокот по Естонија (6 отсто). Следи Романијa со 33,3 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит на Бугарија падна на 2,1 отсто од БДП во 2011 година во споредба со просекот на ЕУ од 4,5 отсто. Грција беше меѓу земјите со највисок буџетски дефицит од 9,1 отсто, само по Ирска.
***
Европската инвестициска банка (ЕИБ) почна да вклучува клаузули во своите договори со грчките претпријатија, кои им овозможуваат да ги вратат евро кредитите во друга валута, објавија медиумите во понеделникот (23-ти април). ЕИБ ги негираше шпекулациите на некои аналитичари, кои во овој потег видоа претпазливост поради загриженоста од можен излез на Атина од еврозоната.
***
Романскиот министер за финансии, Богдан Драгои, минатата недела вети дека земјата ќе го реорганизира својот даночен систем за да го зголеми онлајн поднесувањето податоци, размената на информации меѓу државните агенции и да ја намали бирократијата. Неодамнешното истражување на Светска банка откри дека даночниот систем на Романија е втор според сложеноста во светот, при што од локалните бизниси се очекува да направат и до 113 одделни даночни уплати за една година.
***
Maкедонскиот претседател Ѓорге Иванов и албанскиот претседател Бамир Топи го отворија вториот регионален Форум на домашни производи и странски инвестиции, во петокот (20-ти април) во Скопје. Настанот, организиран од Стопанската комора на северозападна Македонија, се одржа под слоганот „Купувајте домашни производи“.
***
Претпријатијата во Србијa плаќаат 730 милиони евра годишно за скриени даноци, како што се земјишни такси, давачки за водата и загадувањето, покажа истражувањето што го спроведоа УСАИД и српската Алијанса за локален економски развој, објавено во четвртокот (19-ти април). Сумата претставува 2 отсто од производството, кои бизнисите можеле да го вложат во инвестиции, истакнуваат експертите.
***
Странските директни инвестиции (СДИ) во Црна Гора забележаа голем пад во првите два месеци од оваа година, открија податоците на Централната банка во петокот (20-ти април). Во текот на овој период СДИ достигнаа 33,3 милиони евра, или 57,4 отсто помалку во споредба со истиот период минатата година.
(Разни извори -- 18.04.12-25.04.12)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's