18/04/2012
Во град во центарот на Србија се отвори првиот погон за автомобили Фиат во земјата. Исто така во бизнис-вестите: реки македонски туристи се собираат во бугарското планинско летувалиште Банско, а невработеноста во Грција достигна рекордно високо ниво.
![]() Автомобилскиот погон во Крагујевац на „Фиат Србија“ ќе вработи 2 400 лица. [Ројтерс] |
Во понеделникот (16. април), „Фиат Србија“ (ФАС) отвори погон за автомобили во градот Крагујевац, во централна Србија, во кој ќе се произведува новиот модел „фиат 500Л“. Објектот, изграден врз основите на поранешниот српски производител на автомобили „Застава“, ќе отвори 2 400 работни места до крајот на годината и ќе има годишно производство од 300 000 автомобили.
***
Во неделата (15. април), директорката на Советот за туризам на Банско Јанка Рахова рече дека имало реки туристи од Македонија во најголемото бугарско планинско одморалиште Банско за време на велигденските празници. Имало и голем број грчки туристи. Во меѓувреме, повеќе од 100 000 Бугари ја посетиле Грција за празниците.
***
Во четвртокот (12. април), грчкиот сервис за статистика „ЕЛСТАТ“ објави дека невработеноста во Грција постигнала нов рекорд во јануари, достигнувајќи 21,8 отсто, што е двапати повеќе од просекот во еврозоната. Во 2011 година, стапката на невработеност била 17,7 отсто, во споредба со 12,5 отсто во 2010 година. Во декември минатата година беше 21,2 отсто.
***
Според податоците на централната банка на земјата објавени во петокот (13. април), странските директни инвестиции (СДИ) во Хрватска достигнале до 1,05 милијарди евра минатата година во споредба со 295,3 милиони евра во 2010 година. Најголеми инвестиции биле направени во банкарскиот сектор, 267,3 милиони евра, потоа во недвижнини, 264,4 милиони евра, и во хемиската индустрија, 236,8 ЕУР. На списокот на странски инвеститори водат холандските претпријатија, а по нив се Германија и Австрија.
***
На 11. април, работниците во компанијата за речен транспорт „Дунав агрегати“ од Србија организираа тридневна блокада на сообраќајот по реката Дунав и протестираа поради неисплатените плати. Блокадата прекина во петокот откако постигнаа договор со управата на компанијата.
***
Хрватскиот остров Порер е вклучен на списокот на десет најдостапни приватни острови според мислењето на списанието „Бизнис инсајдер“. Малиот остров југоисточно од Истра може да се помине пеш за една минута, има светилник на него и може да се изнајмува за околу 630 долари неделно.
***
Во неделата (15. април), заменик-премиерката на Косово Мимоза Кусари Лила рече дека нејзината земја ќе потпише спогодба за слободна трговија со Турција. Изјавата ја даде на состанокот на бизнисмени во Бурса организирана од Здружението на индустријалци и бизнисмени на Румели.
***
Во понеделникот (16. април), институтот за статистика на земјата „Туркстат“ објави дека невработеност во Турција паднала за 1,7 отсто и достигнала годишна стапка од 10,2 отсто во јануари. Според податоците, имало 2 664 000 невработени во јануари, наспроти 3 044 000 во текот на истиот период пред една година.
(Разни извори - 11.04.2012-18.04.2012)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's