03/11/2009
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и неговата индиска колешка Пратибха Девисинг Патил се состанаа во Никозија. Исто така во дипломатските вести: српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, беше во Јапонија и Албанија и Кина ја одбележаа 60-годишнината од дипломатските врски.
![]() Индиската претседателка Пратибха Патил му оддаде почит на Махатма Ганди пред неговата статуа во близина на Претставничкиот дом во Никозија, во саботата (31-ви октомври). [ПТИ] |
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас во саботата (31-ви октомври) изрази поддршка за постојаното членство на Индија во Советот за безбедност на ОН. Тој го изјави ова на државниот банкет во чест на својата индиска колешка во посета на земјата, Пратибха Девисинг Патил. Таа допатува во Кипар во четвртокот, од Велика Британија, каде што беше во државна посета. Таа е прва индиска претседателка што ја посети Никозија во последниве 20 години.
***
Словачка ја поддржува кандидатурата на Турција за ЕУ и верува дека земјата е на вистински пат да ги исполни критериумите што ги одреди блокот, изјави во понеделникот (2-ри ноември) словачкиот претседател Иван Каспаровиќ, по состанокот со турскиот колега Абдула Ѓул во Братислава. Гаспаровиќ истакна дека колку се посигурни членките на ЕУ, толку посилен станува блокот, како политички, така и економски.
***
Грчкиот премиер Јоргос Папандреу се состана со својот британски колега Гордон Браун, во саботата (31-ви октомври), во рамките на својата посета на Лондон. Тие разговараа за главните аспекти на состанокот на Европскиот совет што се одржа во Брисел минатата недела, вклучително и стратегијата за создавање нови работни места и мерките за борба против климатските промени.
***
Хрватската премиерка Јадранка Косор во вторникот (3-ти ноември) ја започна посетата на Босна и Херцеговинa (БиХ), каде што ќе оствари разговори со колегата од БиХ Никола Шпириќ, високиот претставник Валентин Инцко и претставниците на партиите на босанските Хрвати.
***
Водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат во петокот (30-ти октомври) изјави дека постигнувањето решение за долготрајниот спор околу кипарското прашање до крајот на оваа година ќе биде многу тешко. Говорејќи на прес-конференцијата по состанокот со турскиот претседател Абдула Ѓул во Анкара, Талат рече дека страната на кипарските Турци стори сé што е можно да се најде решение на спорот оваа година, предлагајќи интензивирани преговори и разговори за крајниот рок.
***
Јапонскиот министер за надворешни работи, Кацуа Окада, и неговиот српски колега во посета на земјата, Вук Јеремиќ, во четвртокот (29-ти октомври) се согласија дека Србија е клучна земја за стабилност и благосостојба на Балканот. Тие ја истакнаа важноста на понатамошното развивање на билатералните политички и економски односи, како и соработката во заштитата на животната средина.
***
Aлбанијa и Кина ја одбележаа 60-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи во четвртокот (29-ти октомври) во Тирана. Кинескиот вицепремиер Занг Дејианг рече дека зајакнувањето на односите со Албанија е во интерес на Пекинг, додавајќи дека двете земји ќе се фокусираат на економската и трговската соработка.
***
Maкедонскиот премиер Никола Груевски и неговиот грчки колега Јоргос Папандреу се состанаа за првпат во Брисел во четвртокот (29-ти октомври), на маргините од состанокот на Европскиот совет. Тие се согласија дека изнаоѓањето взаемно прифатливо решение на спорот околу името помеѓу нивните две земји е од суштинска важност. Тие ја поддржаа европската перспектива за Балканот, како што изјавија претставниците на нивните кабинети.
***
Премиерот на Босна и Херцеговинa (БиХ) Никола Шпириќ во средата (28-ми октомври) предупреди дека стабилноста на неговата земја може да биде загрозена од надворешниот притисок за уставни измени. По разговорите со словенечкиот колега Борут Пахор во Љубљана, Шпириќ истакна дека само БиХ може да го загарантира својот мир и интегритет.
(Разни извори – 27/10/09-03/11/09)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's