23/06/2009
Хрватскиот премиер Иво Санадер беше во Подгорица. Исто така во дипломатските вести: Турција и Кина разговараа за соработката, и претседателот на МКТЈ Патрик Робинсон вели дека БиХ мора да ги уапси бегалците обвинети за воени злосторства.
![]() Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ (десно) и неговиот хрватски колега Иво Санадер вршат смотра на почесната гарда во Подгорица во понеделникот (22-ри јуни). [Getty Images] |
Хрватскиот премиер Иво Санадер во понеделникот (22-ри јуни) беше во официјална посета на Црна Гора, каде што се состана со својот колега Мило Ѓукановиќ, претседателот на парламентот Ранко Кривокапиќ и претседателот Филип Вујановиќ. Разговорите се фокусираа на билатералните односи, ситуацијата во регионот и европската и евроатланската интеграција. Санадер, исто така, се состана со претставниците на хрватската заедница во Црна Гора.
***
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас рече дека процесот на пристапување на Tурција во ЕУ ќе биде загрозен ако земјата не ги исполни своите обврски кон ЕУ и Република Кипар. Христофиас, кој во неделата (21-ви јуни) беше во посета на Грција, рече дека Турција и кипарските Турци мора да покажат разбирање и добра волја во тековните разговори за повторно обединување, за да се реши кипарското прашање.
***
Tурскиот претседател Абдула Ѓул во вторникот (23-ти јуни) беше во еднонеделна посета на Кина, со цел подигање на нивото на стратешка и економска соработка помеѓу двете земји. Ѓул се очекува да се состане со својот кинески колега Ху Џинтао и да учествува на бизнис форумот во Пекинг.
***
Високиот претставник во Босна и Херцеговинa Валентин Инцко и претседателот на Хашкиот трибунал за воени злосторства Патрик Робинсон рекоа дека соработката на БиХ со Трибуналот нема да биде комплетна сé додека обвинетите за воени злосторства Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ се на слобода. На 16-ти јуни Инцко го увери Робинсон, кој се наоѓа во Сараево, дека еден од приоритетите на Канцеларијата на високиот претставник е да ја разбие мрежата на поддршка за бегалците.
***
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ и неговиот албански колега Сали Бериша отворија нов премин на границата меѓу двете земји во петокот (19-ти јуни). Новиот премин Муриќан-Сукобина беше финансиран од ЕУ. Истиот е дел од поголемата програма за отворање вкупно 12 премини на албанско-црногорската граница.
***
Хрватскиот претседател Стипе Месиќ и неговиот кинески колега Ху Џинтао во саботата (20-ти јуни) се согласија за понатамошно унапредуање на билатералната економска соработка во време на светска криза. Двајцата претседатели потпишаа неколку договори за економска соработка на маргините од кинеско-хрватскиот трговско и бизнис форум во Загреб.
***
Tурскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган се очекува да отпатува за Тирана на 25-ти јуни, на покана од својот албански колегa, Сали Бериша. Во Албанија Ердоган ќе присуствува на инаугурацијата на сегментот Решен-Калимаш од автопатот Крач-Кукеш, кој е моментно во изградба. Тој, исто така, треба да се состане со претседателот Бамир Топи и градоначалникот на Тирана, Еди Рама.
***
Српскиот претседател Борис Тадиќ за време на разговорите со водачите на босанските Срби во Бања Лука во понеделникот (22-ри јуни) рече дека Србијa ги поддржува интеграцијата и суверенитетот на БиХ. Во врска со одлуката на високиот претставник Валентин Инцко за поништување на резолуцијата усвоена од парламентот на Република Српска (РС) за пренесувањето на надлежностите на БиХ, Тадиќ рече дека ситуацијата треба да се реши низ дијалог. „Секој кој сака стабилност на Западен Балкан, и следствено на тоа и на Балканот, избегнува ситуации во кои легитимните одлуки на претставниците на народот се поништуваат“, рече Тадиќ.
***
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу доби писмо од францускиот претседател Николас Саркози, објавија локалните медиуми во вторникот (23-ри јуни). Писмото на Сејдиу му го предаде францускиот амбасадор во Приштина, Долфин Борион. „Скоро една и пол година откако Косово доби независност, вашата земја успеа да се афирмира на меѓународната сцена и неповратноста на постоењето на вашата земја е нешто што е признаено од сите“, вели Саркози. Тој, исто така, изразува пофалби за почитувањето во Косово на европските вредности.
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's