28/10/2008
Германскиот министер за одбрана ги посети Косово и БиХ. Исто така во дипломатските вести: Бамир Топи се состана со турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, и преговорите за повторно обединување на Кипар продолжуваат.
![]() Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг (лево), дава изјава за новинарите со косовскиот премиер Хашим Тачи, по нивниот состанок во понеделникот (27-ми октомври). [Лаура Хасани] |
Германскиот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг, започна турнеја низ Балканот во понеделникот (27-ми октомври), со цел да ги посети војниците распоредени во Косовo и Босна и Херцеговинa (БиХ). Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу и премиерот Хашим Тачи се состанаа со него во понеделникот во Приштина. Во вторник Јунг патува за Сараево, на разговори со високиот претставник Мирослав Лајчак.
***
Новоназначениот косовoски амбасадор во Соединетите Држави, Авни Спахиу, во неделата (26-ти октомври) пристигна во Вашингтон. „Ние ќе бидеме гласот на власта и народот на Косово за американската власт и народ“, рече Спахиу.
***
Aлбанскиот претседател Бамир Топи во четвртокот (23-ти октомври) се состана со турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, на разговори околу билатералните односи. Топи й се заблагодари на Турција за нејзината поддршка на процесот на интеграција на Албанија во НАТО. Бабаџан вети нови инвестиции од страна на турските претпријатија во земјата и ја пофали Албанија за зајакнувањето на стабилноста во регионот. Бабаџан допатува во Тирана за да присуствува на 19-тата конференција на министрите за надворешни работи на земјите-членки на процесот за Црноморска економска соработка (БСЕЦ). Тоа се: Турција, Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугаријa, Грузија, Грција, Грузија, Молдавија, Романијa, Русија, Србијa и Украина.
***
Тонот на првиот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Србијa ќе биде позитивен, рече во средата (22-ри октомври) српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ. Во Брисел Ѓелиќ се состана со високи функционери на ЕК, вклучително и со директорот на ЕК за Западен Балкан, Пјер Мирел. Објавувањето на овој извештај, прв за Србија откако таа го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, ќе се случи на 6-ти ноември.
***
Кипарскиот претседател Деметрис Христофиас и водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат се состанаа во средата (22-ри октомври) за да ги продолжат преговорите за управувањето и поделбата на власта. Специјалниот претставник на ОН, Таје-Брук Зерихаун, изрази оптимизам во врска со разговорите, велејќи дека процесот „оди добро“.
***
Tурскиот претседател Абдула Ѓул изрази поддршка за кандидатурата на Украина за пристап во НАТО на заедничката прес-конференција со украинскиот колега Виктор Јушченко во понеделникот (27-ми октомври). Тие се состанаа за време на официјалната посета на Јушченко на Анкара. Ѓул истакна дека билатералните односи се значително подобрени. Јушченко рече дека неговата земја можеби ќе даде визни олеснувања за одредени групи турски државјани, вклучително и новинари, студенти и бизнисмени. Украина се надева дека еден ден ќе има договор за слободна трговија со Турција, додаде тој.
***
Делегацијата на белгискиот парламент, која во понеделникот (27-ми октомври) ја посети Приштина, вети поддршка за Kosovo. „Белгија е голем сојузник на Косово и ќе продолжи да [лобира за него]“, рече претседателот на парламентот, Херман Ван Ромпи, додавајќи дека Белгија ќе го задржи своето присуството во рамките на КФОР во земјата.
(Разни извори 21/10/08-28/10/08)
Вашите коментари за натписите на SETimes се добредојдени.
Се надеваме дека ќе го искористите овој форум за да комуницирате со другите читатели од Југоисточна Европа. За ова искуство да биде интересно, бараме од вас да ги следите правилата наведени во правилникот за коментари. Со испраќањето на коментарите, вие се согласувате со овие правила. Иако SETimes.com ги охрабрува дискусиите на сите теми, вклучително и на чувствителните, коментарите што се објавуваат се ставови единствено на оние што ги испраќаат. SETimes.com не ги одобрува и не се согласува секогаш со идеите, ставовите или мислењата искажани во овие коментари. SETimes.com ги поддржува конструктивните дискусии, но е против употребата на копи-пејст материјалите, непридружуваните линкови и слогани од еден ред. Ова е умерен форум. Коментарите што се сметаат за погрдни, навредливи, или оние што содржат вулгарности, нема да се објават.
Правилник за коментари на SETimes's