Дипломатски дневник: Словенечкиот претседател ја посети БиХ

14/10/2008

Тирк се наоѓа во дводневна посета на БиХ. Исто така во дипломатските вести оваа недела: грчкиот премиер Костас Караманлис беше во Малта и Германија ќе ја поддржи кандидатурата на Албанија за членство во ЕУ.
photo

Словенечкиот претседател Данило Тирк вети поддршка од својата земја за кандидатурата за членство на БиХ во ЕУ. [EУ]

Словенечкиот претседател Данило Тирк во понеделникот (13-ти октомври) ја започна дводневната официјална посета на Босна и Херцеговинa, при што ги посети Сараево, Бања Лука, Мостар и меморијалниот центар Поточари. Тирк вети поддршка од неговата земја за процесот на пристап на БиХ во ЕУ и рече дека земјата може да добие кандидатски статус за прилично брзо време. „Ние разговараме за укинување на визите за една година или нешто така, а на кандидатскиот статус за БиХ во 2010 година“, им рече Тирк на новинарите по состанокот со членовите на трипартитното претседателство на БиХ.

***

Грчкиот премиер Костас Караманлис во саботата (11-ти октомври) ја заврши дводневната официјална посета на Малта. На состанокот во петокот со неговиот малтешки колега, Лоренс Гонзи, Караманлис ги пофали одличните односи помеѓу двете земји и додаде дека соработката треба да се одржува и развива и понатаму. Двајцата водачи, исто така, разговараа за светското финансиско превирање и издадоа заедничка изјава, во која се вели дека се потребни радикални одговори на сите нивоа за решавање на кризата.

***

Чешкиот премиер Мирек Тополанек во средата (8-ми октомври) ги отфрли сите формули кои вклучуваат привилегирано партнерство за Tурција наместо полноправно членство во ЕУ. „Привилегираното партнерство или таквите формули не може да се прифатат. Секоја земја-кандидат која ги исполнува критериумите треба да има право да стане членка на ЕУ“, изјави Тополанек на заедничката прес-конференција во Анкара по состанокот со турскиот колега, Реџеп Тајип Ердоган. Чешката Република треба да го преземе ротирачкото претседателство на ЕУ во јануари.

***

Германската канцеларка Ангела Меркел во средата (8-ми октомври) рече дека Германија ја поддржува интеграцијата на Aлбанија во ЕУ и ќе потпише протокол за членство на земјата во НАТО. Меркел се состана со албанскиот премиер Сали Бериша за време на посетата на Берлин. Германската канцеларка го пофали напредокот на Албанија во борбата против организираниот криминал и корупцијата, но ја повика власта да стори повеќе. Бериша ја потврди посветеноста на својата земја на борбата против корупцијата и вети дека ќе ги забрза реформите потребни за ЕУ.

***

Либерализацијата на визниот режим за албанските граѓани кои сакаат да ја посетат Чешка и нон-стоп летовите помеѓу двете земји ќе ја зајакнат билатералната соработка, рече албанскиот претседател Бамир Топи на 7-ми октомври. За време на состанокот во Тирана, Топи и претседателот на чешкиот сенат Премисл Соботка се согласија дека сегашната билатерална соработка е „на задоволително ниво“. Сепак, Албанија сака да ги зајакне економските врски со Чешка како и да го зајакне туризмот, рече Топи.

(Разни извори 07/10/08-14/10/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading