01/09/2008
Романскиот главен град доби три безжични мрежи за интернет пристап. Исто така во вестите од науката: турското Здружение за истражување и контрола на ракот е прогласено за најдобра организација на годината во борбата против ракот, а романските студенти освоија медали на меѓународната Олимпијада по информатика во Каиро.
![]() [Getty Images] |
Букурешките власти му обезбедија на романскиот главен град три безжични мрежи за интернет пристап во јавните градини, кои работат од петокот (22-ри август). Мрежите функционираат секој ден помеѓу 10 часот изутрина и 8 часот навечер во паркот Херастрау, Чисмигиу гарден и паркот Тинеретулуи. Локалните власти поставија маси и клупи во парковите за корисниците на лап-топови.
***
Меѓународниот сојуз за борба против ракот наречен турско Здружение за истражување и контрола на ракот е прогласено за најдобра организација на годината во борбата против ракот. На првиот ден од Светскиот конгрес против ракот во Женева, кој траеше од средата (27-ми август) до неделата, турското здружение доби награда за отпочнувањето голем број проекти и поддршката на научното истражување.
***
Математички гении се собраа во Aнкарa од 18-ти август до петокот (22-ри август) на заедничка конференција на турскиот Универзитет Хачетепе и американскиот Универзитет во Луизијана. Околу 160 математичари од 30 земји ја споделија својата работа со турските истражувачи. Организаторите на конференцијата имаа за цел да го обноват истражувањето и да обезбедат можности за меѓународните проекти, рече професорот Аднан Терчан од Универзитетот Хачетепе.
***
Седум и пол милиони жители на Србија поседуваат 9,12 милиони активни мобилни телефонски броеви. Тие испраќаат 30 милиони пораки секој ден и трошат 20 милиони минути на телефон, што значи 14.000 дена, објави во неделата (24-ти август) весникот Вечерње новости. Ова ниво на активност ја става Србија меѓу првите десет европски земји кога станува збор за употребата на мобилни телефони, под Португалија, Велика Британија и Естонија. На врвот на листата се Грција и Италија.
***
Романските студенти освоија златен, сребрен и бронзен медал на Меѓународната Олимпијада по информатика во Каиро, која се одржа од 16-ти август до саботата (23-ти август). Тројцата медалисти се студенти на Националниот лицеј „Тудор Виану“ во Букурешт. Вкупно 258 студенти од 83 земји учествуваа на натпреварот.
(Разни извори – 22/08/08-29/08/08)