Култура и спорт: Мускури одржа проштални концерти во Атина

23/07/2008

Легендарната грчка пејачка Нана Мускури се пензионираше по 50-годишна кариера. Исто така во вестите: Косово ќе има тим туристички водичи и македонската ракометна репрезентација победи на натпревар од Светско јуниорско првенство за жени 2008.
photo

Нана Мускури. [Getty Images]

Славната грчка пејачка Нана Мускури се збогуваше со обожавателите во Атина со два концерти во театарот „Херод Атикус“ во средата (23-ти јули) и четвртокот. Концертите се дел од нејзината проштална турнеја низ Европа, Австралија, Азија, Јужна Америка, Соединетите Држави и Канада. Мускури прославува половина век бавење со музика со повеќе од 300 милиони албуми издадени низ целиот свет.

***

Косовo наскоро ќе го добие својот прв тим туристички водичи, наречени „Стапки“, по приватната иницијатива на двајца англиски државјани кои моментно живеат во Косово. Петнаесет водичи поминуваат низ првична обука со помош на Косовското туристичко здружение и Француската културна организација „Еспејс културел франсес“. Проектот има за цел да ја претстави историјата, културата и природните убавини во Косово.

***

Maкедонската ракометна репрезентација ја порази Австралија на првиот натпревар од Светското јуниорско првенство за жени 2008, кое започна во понеделникот (21-ви јули). Вкупно 20 тимови ќе учествуваат на натпреварот во Скопје, Охрид, Гевгелија и Виница. Турнирот завршува на 3-ти август.

***

Градот Палиќ, во Србијa, е домаќин на 15-тото издание на Европскиот филмски фестивал од сабота (19-ти јули) до петок. На овогодинешниот фестивал ќе бидат прикажани околу 70 филмови поделени во девет програми. Настанот го промовира европскиот филм.

***

Бугарскиот пливач Петар Стојчев победи на 22-риот Oхридски пливачки маратон во саботата (19-ти јули). Стојчев го освои првото место во 30-километарската трка за мажи, постигнувајќи резултат од 6 часа, 14 минути и 51 секунда. Стефани Билер од Германија победи во женска конкуренција. Македонскиот претседател Бранко Црвенковски, покровител на настанот, им ги врачи наградите од 15.700 евра на победниците.

***

Седумнаесеттиот грчки Саем на книгата се одржа од четвртокот (17-ти јули) до понеделникот во северниот град Александрополис. Околу 100 грчки издавачки куќи презентираа околу 20.000 грчки и странски наслови. Министерството за култура беше организатор на настанот.

***

Започна реконструкцијата на седум куќи-музеи од листата на УНЕСКО во Ѓирокастро, Aлбанијa. Владата обезбеди 800.000 евра за обнова на куќите.

(Разни извори – 16/07/08-23/07/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading