Дипломатски дневник: Албанија и Хрватска сакаат брз пристап во НАТО

22/07/2008

Претседателите на парламентите на Албанија и Хрватска побараа протокол за брз пристап во НАТО. Исто така во дипломатските вести оваа недела: Тина Кеднау стана американски амбасадор во Косово и Италија ја потврди поддршката за кандидатурата на Црна Гора за ЕУ.
photo

[Архива]

Aлбанијa и Хрватскa повикаа на забрзување на нивниот пристап во НАТО. Претседателката на албанскиот парламент, Јозефина Топали, и нејзиниот хрватски колега, Лука Бебиќ, му напишаа писмо на Американскиот конгрес и 26-те парламенти на земјите-членки на НАТО во петокот (18-ти јули), барајќи побрзо ратификување на протоколот за пристап на нивните земји. Двете земји ветија дека ќе преземат суштински реформи за зајакнување на владеењето на правото.

***

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ја назначи американската вршителка на амбасадорската функција во Приштина, Тина Кеднау, за американски амбасадор во Косовo во петокот (18-ти јули), пет месеци откако поранешната српска покраина прогласи независност.

***

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Јандроковиќ, во саботата (19-ти јули) се состана со својот колега од Босна и Херцеговинa (БиХ) Свен Алкалај во приморскиот град Умаг, Хрватска. Двајцата официјални претставници изразија подготвеност за соработка во решавањето на отворените прашања, вклучително и оние кои се однесуваат на територијалните граници помеѓу двете земји.

***

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони вети поддршка од неговата земја за процесот на интеграција на Црна Гора во ЕУ, за време на состанокот во петокот (18-ти јули) во Рим, со својот црногорски колега Мило Ѓукановиќ.

***

Српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, во четвртокот (17-ти јули) во Москва се состана со рускиот колега, Сергеј Лавров. Тие разговараа за шансите за отпочнување со безвизен режим помеѓу двете земји. Исто така, „Москва ќе го поддржи повикот на Србија до Генералното собрание на ОН да се побара мислење на Меѓународниот суд на правдата за законитоста на еднострано прогласената независност [на Косово]“, рече Лавров.

***

Албанскиот претседател Бамир Топи и неговиот македонски колега Бранко Црвенковски во четвртокот (17-ти јули) ја потврдија својата решеност за интензивирање на билатералната соработка. На состанокот во Драч, двајцата разговараа за заедничките енергетски, транспортни и телекомуникациски проекти. Тие, исто така, ги опфатија и регионалните прашања, вклучително и спорот околу името на Македонија со Грција и признавањето на независноста на Косово.

***

Tурскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во петокот (18-ти јули) беше во северен Кипар на одбележувањето на годишнината од пристигнувањето на турските трупи во северниот дел од поделениот остров на 20-ти јули 1974 година. Ердоган, во придужба на шест министри, се состана со водачот на кипарските Турци Мехмет Али Талат, премиерот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Ферди Сабит Сојер и други високи претставници.

(Разни извори 15/07/08-22/07/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading