Дипломатски дневник: Додик во Русија

10/06/2008

Премиерот на РС присуствуваше на економскиот форум во Русија. Исто така во дипломатските вести: ЕК отворени постојана канцеларија во Црна Гора и албанскиот претседател Бамир Топи се состана со кипарскиот министер за надворешни работи, Маркос Кипријану.
photo

Премиерот на РС, Милорад Додик, беше во Русија изминатиот викенд. [Getty Images]

Премиерот на Република Српскa (РС) Милорад Додик во петокот (6-ти јуни) допатува во Русија, за да учествува на тридневниот Меѓународен економски форум во Санкт Петерсбург. Додик се состана со голем број руски банкари и инвеститори и рече дека постои голем интерес за инвестирање во РС. Тој, исто така, говореше за приватизацијата на нафтениот сектор на РС со руското претпријатие Зарубежнефт. Повеќе од 8.000 официјални претставници, банкари и економисти од 120 земји присуствуваа на форумот.

***

Романскиот министер за надворешни работи, Лазар Команеску, во понеделникот (9-ти јуни) се состана со својот италијански колега, Франко Фратини. „Ние ќе разговараме за билатералните односи, како и за партнерството помеѓу Романија и Италија, од европска перспектива“, изјави Команеску за новинарите пред заминувањето за Рим. На неговите состаноци во Италија се очекува да бидат допрени и имиграциските прашања, во врска со мерките за контрола на имиграцијата, што неодамна ги усвои Рим.

***

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ и генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската комисија (ЕК), Мајкл Ли, отворија постојана канцеларија на ЕК во Подгорица во петокот (6-ти јуни). Канцеларијата се наоѓа во центарот на главниот град, на брегот од реката Рибница. На церемонијата Ли рече дека канцеларијата ќе ги олесни контактите помеѓу црногорските институции и претставниците на ЕК.

***

Хрватскиот премиер Иво Санадер во неделата (8-ми јуни) се состана со австрискиот канцелар Алфред Гусенбауер во Виена. Тие рекоа дека Хрватска и Австрија имаат голем потенцијал за учество во најразлични инвестициски инцијативи. Тие, исто така, го пофалија нивото на соработка и билатералните врски.

***

Aлбанскиот претседател Бамир Топи во петокот (6-ти јуни) се состана со <b>хрватскиот</b> министер за надворешни работи, Маркос Кипријану, во Тирана. Тие изразија взаемна решеност за зајакнување на билатералната економска соработка и присуството на кипарските инвеститори во Албанија. Топи му се заблагодари на Кипријану за неодамнешната ратификација од страна на кипарскиот парламент на Договорот за стабилизација и асоцијација на Албанија со ЕУ.

***

Виетнамскиот претседател Нгујен Мин Триет во саботата (7-ми јуни) допатува во четиридневна официјална посета на Атина. Триет треба да се состане со грчкиот колега Каролос Папуљас, претседателот на парламентот, Димитрис Суфас, и водачите на социјалистичката и комунистичката партија.

***

Британскиот премиер Гордон Браун изрази целосна поддршка за обновените напори за решавање на кипарскиот проблем, кога се состана со кипарскиот претседател Деметрис Христофиас во четвртокот (5-ти јуни) во Лондон. Христофиас го информираше за напредокот на договорите помеѓу експертските групи од двете поделени заедници и можното официјално започнување на разговорите за повторно обединување подоцна овој месец.

(Разни извори - 03/06/08-10/06/08)

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading