06/06/2008
Следната недела ќе започнат по три летови неделно на релација помеѓу Загреб и Приштина. Исто така во вестите: Косово ќе бара 1,4 милијарди евра на Косовската донаторска конференција во Брисел и бугарски тутунопроизводител ќе купи 67 отсто од акциите во Мостарската тутунска фабрика.
![]() Кроација ерлајнс. [Архива] |
Хрватскиот национален авиопревозник Кроација ерлајнс во средата (4-ти јуни) рече дека ќе започне со редовни летови помеѓу Загреб и Приштина од 16-ти јуни. Според неговата веб-страница, летовите помеѓу Загреб и косовскиот главен град ќе се одвиваат трипати неделно, во понеделниците, средите и петоците. Претпријатието вели дека новиот правец подобро ќе го поврзува Косовo со регионот.
***
Светската банка го одобри заемот од 8,3 милиони евра за подобрување на секундарните и локалните патишта во Aлбанијa, објави во средата (4-ти јуни) еден албански весник. Проектот, исто така, има за цел подобрување на основните услуги и продажните центри во руралните региони. Вкупната вредност на проектот, кој ќе го спроведува Албанскиот фонд за развој, е 25,8 милиони евра.
***
Косовo ќе бара финансиска помош во висина од 1,4 милијарди евра преку проекти што ќе бидат претставени на Косовската донаторска конференција во Брисел на 11-ти јули, објави во средата (4-ти јуни) министерот за економија и финансии, Ахмет Шала. Шала го претстави средногодишниот буџет на Косово и инвестициската рамка пред странските амбасадори во Приштина.
***
Бугарскиот производител на тутун Пазарџик БТ ќе купи 67 отсто од владата на Федерацијата на Босна и Херцеговинa (ФБиХ) во Мостарската фабрика за тутун, објави во вторникот Агенцијата за приватизација на ФБиХ. Извршните директори ќе го потпишат договорот за 15 дена. Агенцијата вели дека бугарскиот инвеститор се обврзал да плати 100.000 евра за акциите, да инвестира дополнителни 3,5 милиони евра и да ги задржи сите 122 вработени.
***
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ во вторникот (3-ти јуни) во Лондон го отвори Црногорскиот инвестициски форум, чиј домаќин е Европската банка за реконструкција и развој. Организаторите на настанот бараат финансиски средства за изградбата на 280 километри од автопатот Бар-Бољаре до српската граница.
***
Португалската фирма за енергија Мартифер на 29-ти мај објави дека планира во септември да започне со изградба на три проекти кое ќе работат на силата на ветарот во Романијa, преку нејзиното претставништво Евива енерџи. Фабриките ќе имаат комбиниран капацитет од 50 мегавати. Фабриките на претпријатието во Романија ќе поседуваат паркови на силата на ветарот со вкупен инсталиран капацитет од 400 мегавати до 2012 година, што ќе значи инвестирање на околу 600 милиони евра.
(Разни извори – 30/05/08-06/06/08)