Дипломатски дневник: Ердоган во посета на Сирија

29/04/2008

Турскиот премиер потврди дека неговата земја ќе се обиде да посредува помеѓу Сирија и Израел. Исто така во дипломатските вести оваа недела: Албанија и Данска постигнаа договор за реадмисија и визни олеснувања.
photo

Сирискиот претседател Башар ал-Асад (десно) се состана со турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган во Дамаск во саботата (26-ти април). [Getty Images]

Tурската влада започна редица иницијативи на надворешната политика за решавање на тензијата помеѓу Израел и Сирија. За време на неговата посета во Дамаск во саботата (26-ти април) премиерот Реџеп Тајип Ердоган му рече на сирискиот претседател Башар ал-Асад дека Израел е подготвен да ги предаде Голанските височини во замена за мировен договор. Контролата на земјиштето се смета за еден од главните спорови помеѓу двете земји откако Израел го зазеде во војната во 1967 година.

***

Турскиот министер за надворешни работи, Али Бабаџан, рече дека владата планира да формира Државна дипломатска агенција за водење на јавните односи и за кампањите поврзани со трурската надворешна политика. Бабаџан додаде дека агенцијата ќе вклучува оддел за водење на кандидатурата за членство на Турција во ЕУ. Бабаџан во саботата (26-ти април) беше во Оман, каде што се состана со колегата Јусуф бин Алави бин Абдула, на разговори околу можноста за зајакнување на економските односи и парламентарниот дијалог.

***

Aлбанијa и Данска постигнаа договор за реадмисија и визни олеснувања во четвртокот (24-ти април). Договорот го потпишаа албанскиот министер за внатрешни работи, Бујар Нишани, и данскиот амбасадор во Тирана, Ниелс Северин Мунк. Нишани рече дека договорите се во рамки на генералниот договор потпишан со ЕУ минатата година и ќе обезбедат олеснување на визниот режим за Албанците.

***

Делегација на Парламентарното собрание на НАТО, предводена од британскиот претставник Мајкл Клепхем, во средата (23-ти април) ја посети Приштина. Клепхем рече дека делегацијата ќе подготви извештај за Косовo кој ќе биде претставен на следниот состанок на НАТО во мај. „Ние сме тука да ги слушнеме гледиштата на претседателот Фатмир Сејдиу во врска со иднината на Косово“, рече Клепхем, додавајќи дека безбедноста во Косово е стабилна и е загарантирана од војниците на КФОР.

***

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ во вторникот (22-ри април) пристигна во Русија, во дводневна работна посета. Ѓукановиќ и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, ја изразија својата заедничка желба за зајакнување на билатералната соработка за време на состанокот во средата во Москва.

***

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговинa (БиХ) Свен Алкалај во вторникот (22-ри април) беше во Берлин, на разговори околу полициските реформи и најновите регионални настани со својот германски колега Френк-Волтер Стајнмаер. Алкалај му рече на Стајнмаер дека неодамна усвоените полициски реформи би можеле да создадат добра основа за соработка за полициските агенции на РС и ФБиХ, и да помогнат во воспоставувањето независни и ефикасни полициски сили во БиХ.

***

Грчкиот премиер Костас Караманлис во вторникот (29-ти април) пристигна во еднодневна работна посета на Москва, за да се состане со претседателот во заминување, Владимир Путин и неговиот наследник Дмитри Медведев. Караманлис и Путин се очекува да потпишат договор за грчкото учество во проектот за гасоводот Јужен поток.

***

Разни извори - 22/04/08 - 29/04/08

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading