22/04/2008
Хрватскиот претседател е во дводневна посета на Тирана. Исто така оваа недела: турскиот министер за надворешни работи го посети Пакистан и Албанија отвори заеднички царински пункт во Црна Гора.
![]() Албанскиот претседател Бамир Топи (лево) и неговиот хрватски колега Стипе Месиќ вршат смотра на почесната гарда пред нивниот состанок во понеделникот (21-ви април) во Тирана. |
Хрватскиот претседател Стипе Месиќ во понеделникот (21-ви април) пристигна во дводневна официјална посета на Тирана. Тој се состана со <b>албанскиот</b> претседател Бамир Топи, премиерот Сали Бериша, претседателот на парламентот, Жозефина Топали и градоначалникот на Тирана, Еди Рама. Главни точки на агендата на Месиќ беа билатералната соработка и економските врски.
***
Aлбанскиот премиер Сали Бериша и неговиот црногорски колега, Мило Ѓукановиќ, во понеделникот (21-ви април) го отворија заедничкиот царински пункт на пограничниот премин кај Муриќан. Проектот, финансиран од Европската комисија, е прв од ваков вид во регионот.
***
Maкедонија и Соединетите Американски Држави ќе потпишат билатерален договор за воена и техничка соработка на 7-ми мај во Вашингтон, објави амбасадорот на Скопје во САД, Зоран Јолевски. Тој рече дека договорот ќе го потпишат македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.
***
Tурскиот министер за надворешни работи и неговиот пакистански колега, Макдум Шах Махмуд Ќуреши, во саботата (19-ти април) се обврзаа дека ќе ја продолжат својата заедничка борба против тероризмот. Тие, исто така, рекоа дека турските, пакистанските и авганистанските претставници може да одржат состанок во јуни, на кој ќе се разговара за тоа како да се обезбеди мирот во Авганистан. Бабаџан беше во дводневна официјална посета на Исламабад.
***
Холандскиот парламент планира да го ратификува црногорскиот Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА) со ЕУ во јуни, рече црногорскиот вицепремиер за европска интеграција, Гордана Ѓуровиќ, во петокот (18-ти април). Таа го соопшти ова по посетата на Холандија, каде што се состана со холандскиот министер за надворешни работи, Максим Верхоген.
***
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Свен Алкалај, во петокот (18-ти април) беше во Брисел, каде што оствари разговори со претставници на Европската комисија. Алкалај рече дека очекува официјално потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и БиХ на 28-ми април.
(Разни извори 15/04/08-22/04/08)