30/01/2008
Српскиот фолклорен ансамбл Коло настапи во виенската Штадхале. Исто така во вестите од културата оваа недела: во Хрватска се одржа Ноќ на музеите, и во Грција е откопан олтар стар 5.000 години.
![]() [Kolo.org] |
Српскиот фолклорен ансамбл Коло ја воодушеви публиката во Штадхале во Виена во неделата (27-ми јануари). Настанот го организираше српската дијаспора во Австрија, со помош на виенскиот градоначалник Мајкл Хопл и српското Министерство за култура.
***
Група археолози открија урнатини од 5.000 години стар олтар, за време на ископувањата на старото светилиште Зевс, на грчката планина Ликаион. Откритието е за 1.000 години постаро од претходните артефакти поврзани со обожавањето на Зевс.
***
Светски познатиот албански виолинист Теди Папаврами во четвртокот (24-ти јануари) одржа концерт во Театарот на операта и балетот во Тирана. Во придружба на оркестарот на Албанската радиотелевизија, под диригентската палка на композиторот Ермир Крантја, Папаврами изведе некои делови од Паганини, со кои за последен пат настапил во Тирана кога имал 11 години.
***
Околу 100.000 посетители се регистрирани во 60 хрватски музеи и галерии за време на годинешниов настан Ноќ на музеите, кој се одржа во околу 20 градови во земјата во петокот (25-ти јануари). Организаторите велат дека ова е рекорд во тригодишната историја на настанот.
***
Романијa ќе биде почесен гостин на овогодинешниот Венецијански карневал од сабота (26-ти јануари) до 5-ти февруари, прва земја досега што ја имала оваа привилегија. Театарски и фолклорни групи, ромски изведувачи и занаетчии ќе ги прикажат романските традиции и култура.
***
Скулпторот од Босна и Херцеговинa Бранко Иванковиќ рече дека го прави најголемиот дрвен крст во светот. Крстот ќе биде направен од орев и ќе биде 2,2 метри висок и 3 метри широк. Иванковиќ планира да го заврши до крајот на годинава и да аплицира за Гинисовата книга на рекорди.
***
Деветтата Гитаријада ќе се одржи од 4-ти до 10-ти февруари во Белград. На настанот ќе учествуваат изведувачи и групи од регионот, како и од САД, Холандија, Русија, Полска и Израел.
Разни извори – 23/01/08-30/01/08)