26/12/2007
Апсењето на Радован Караџиќ, обвинет за воени злосторства, ќе го отвори патот на Босна и Херцеговина за пристапување кон ЕУ и НАТО, се вели во заедничкиот апел на група режисери и актери. Исто така оваа недела, покојниот македонски пејач Тоше Проески беше избран за личност на годината во Хрватска.
![]() Група режисери од БиХ побараа апсење на Радован Караџиќ. [Getty Images] |
Група популарни режисери и актери од Босна и Херцеговина излегоа со заеднички апел за апсење на поранешниот политички лидер на Босанските Срби Радован Караџиќ, кој е во бегство откако, пред 12 години, против него беше покренато обвинение од страна на Хашкиот трибунал за воени злосторства. Меѓу потписниците е Данис Тановиќ, чиј филм „Ничија земја“ доби Оскар за најдобар странски филм во 2001-та година и Јасмила Жбаниќ, која минатата година ја доби наградата Златна Мечка на Берлинскиот филмски фестивал за нејзиниот филм „Грбавица“.
***
Светски познатиот турски писател Орхан Памук доби почесен докторат на универзитетот Комплутенсе во Мадрид. Во неговиот говор, добитникот на Нобеловата Награда побара обединување на цивилизациите, велејќи дека треба да бидат вложени напори не само на политичко ниво, туку и во сите сегменти од општеството.
***
Во петокот (21-ви декември), патријаршијата во Романија застана на страната на Иранската амбасада во Букурешт за забрана на романот на Салман Рушди „Сатански стихови“, која беше преведена на романски. Преводот се појави во книжарниците во Букурешт на 19-ти декември во ограничено издание и беше распродаден за неколку часа. Иран побара од романските власти да ја забранат книгата. Изразувајќи „солидарност со муслиманската заедница во Романија, патријаршијата, исто така, го осуди романот.
***
Mакедонскиот пејач Тоше Проески, кој почина во сообраќајна несреќа во Хрватска на 16-ти октомври, беше избран за личност на годината во Хрватска. Тој доби 48 отсто од гласовите на читателите на хрватската интернет страница Дневник.хр. Учесниците требаа да одберат еден од деветте предложени кандидати.
***
Борачката Станка Златева беше избрана за најдобар спортист на Бугарија на церемонијата оддржана во петокот (21-ви декември). Таа го доби ова одликување како резултат на нејзините светски и европски титули. Годинава, оваа награда ја обележа својата 50-годишнина.
***
УЕФА го прогласи добитникот на Златната копачка Давор Шукер за најдобар фудбалер на Хрватска во последниве 50 години. Шукер постигна шест гола на светското првенство во Франција во 1998-та година, кога Хрватска го освои бронезниот медал.
(Разни извори--19/12/07-26/12/07)