12/08/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Високиот претставник Мирослав Лајчак вели дека Федерацијата на БиХ (ФБиХ) не е ниту политички, ниту економски здрава, и тој ги обвинува четирите партии во владата -- Партијата за демократска акција, Партијата за БиХ, Хрватската демократска заедница и Хрватската демократска заедница 1990. Во интервјуто за весникот „Вечерњи лист“ од неделата (10-ти август) Лајчак додаде дека сегашната практика на игнорирање на малцинствата и надгласување на хрватските министри на владините седници не е најдобриот начин за БиХ да оди напред. Тој рече дека конфликтите во владата на ФБиХ покажуваат недоволно развиена политичка култура, во поглед на изнаоѓањето компромис или решенија преку преговори. Лајчак потврди дека политичкиот процес би можел да се подобри со уставни реформи, за кои вели дека треба да бидат главен приоритет на БиХ, заедно со интеграцијата во ЕУ.
Во понеделникот Лајчак повторно повика на компромис за прашањето на државниот имот, велејќи дека тоа и позитивната оценка од страна на Советот за спроведување на мирот ќе бидат најтешките критериуми што треба да се исполнат за затворање на Канцеларијата на високиот претставник. На состанокот со Златко Лагумџија, водач на главната опозициска партија во ФБиХ, Социјалдемократската партија, Лајчак истакна дека со оглед на тоа што уставот на БиХ не специфицира кое ниво на власта има контрола над имотот, неопходен е политички договор. (РТРС, СРНА, Дневни аваз, Онаса, ОХР - 11/08/08)