14/05/2008
ИСТАНБУЛ, Турција -- Aлбанија го презеде ротирачкото претседателство на Организацијата за црноморска економска соработка (БСЕК) од Украина во вторникот (13-ти мај). Министерот за надворешни работи, Лулзим Баша, беше во Истанбул на церемонијата, каде што ги претстави приоритетите на Албанија и календарот на активности. Тој рече дека Албанија ќе се фокусира на продолжување на структурните реформи на организацијата, зголемување на соработката со меѓународните играчи како што се ЕУ и ОН, и зајакнување на соработката помеѓу земјите-членки на БСЕК. Формирана скоро пред шест години и со седиште во Истанбул, целта на организацијата е зајакнување на политичката и економската соработка помеѓу црноморските земји и обезбедување мир, стабилност и благосостојба. Истата има 11 членки -- Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Турција и Украина.
Во другите вести од вторникот, албанскиот опозициски водач Еди Рама повика на национална дискусија за измена на уставот во врска со имунитетот на пратениците од судско гонење. Тој ја предводи големата Социјалистичка партија. Илир Мета, водачот на помалата опозициска партија Социјалистичко движење за интеграција, тврди дека времето за амандманите во врска со имунитетот било минатиот месец, кога пратениците усвоија серија уставни измени. (Коха Јоне, Шекули - 14/05/08; Топ-ченал - 13/05/08)