15/04/2008
БЕЛГРАД, Србија -- Владата планира да побара од Трибуналот на ОН за воени злосторства во Хаг повторно да ја отвори истрагата за наводите дека косовските Албанци биле вклучени во трговија со органи земени од стотици затвореници од косовските Срби. Душан Игњатовиќ, од српскиот национален совет за соработка со Трибуналот, во понеделникот (14-ти април) изјави дека Белград инсистира на „повторно итно отворање и целосно спроведување на истрага“. Првите тврдења за трговија со органи се појавија во книгата на поранешниот главен обвинител за воени злосторства Карла дел Понте. Во книгата „Лов“ таа напиша дека мрежата на трговија со органи била организирана од припадниците на Ослободителната војска на Косово. Во неделата меѓународната невладина организација „Хјуман рајтс воч“ ја повика косовската влада да го испита случајот. Засега косовските власти категорично ги негираат тврдењата.
Во меѓувреме, наследникот на Дел Понте, Серж Брамерц, планира в четврток да го посети Белград за да се информира околу неодамнешните операции за лоцирање на бегалецот обвинет за воени злосторства Стојан Жупљанин. Србија мора да ја убеди Холандија дека целосно соработува со Трибуналот. Таа е единствената членка на ЕУ која се противи на потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Србија поради недоволната соработка. (Taнјуг, Б92, АФП, Јурист, Експрес, Лајм - 04/14/08)