07/04/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Финансискиот извор на ЕУ, познат како Столб на УНМИК ќе престане со своите активности до 30-ти јуни, бидејќи Европската комисија донесе одлука против неговото понатамошно финансирање. Шефот на Столбот на УНМИК, Пол Акда, во петокот (4-ти април) рече дека повеќето економски надлежости ќе бидат префрлени на косовската влада, во согласност со планот на поранешниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, за конечниот статус. Акда објасни дека овој потег е, исто така, во согласност со распоредувањето на полициската и судската мисија на ЕУ на Косово.
Во другите вести од петокот, Општинското собрание во Митровица повика на отпуштање на регионалниот администратор на УНМИК за Митровица, Жерард Галучи. Градоначалникот на Митровица, Бајрам Реџепи, рече дека катализатор за ова беше одговорот на Галучи на немирите на 17-ти март, по преземањето на судската зграда во северна Митровица од страна на Србите. Реџепи вели дека Галучи сакал сеопфатни разговори со демонстрантите, додека „ние баравме повторно воспоставување на владеењето на законот“.
Во меѓувреме, во неделата, невладината организација „Коху“ (Разбуди се!) поднесе тужба до канцеларијата на специјалниот обвинител на Косово против премиерот Хашим Тачи. Коху го обвини за судир на интереси и корупција, во врска со назначувањата во агенцијата задолжена за процесот на приватизација. (Зери, Коха Диторе, Б92, РТК, Телеграфи, Топ-ченал - 06/04/08; Зери, Коха диторе, Експрес - 05/04/08)