18/03/2008
ПРИШТИНА, Косово -- Украински полицаец во УНМИК почина доцна во понеделникот (17-ти март) од повредите здобиени за време на судирите со Србите во Митровица претходно истиот ден, објави во вторникот Косовската полициска служба. Украинското Министерство за надворешни работи вели дека вкупно 20 полицајци и војници се повредени, од кои двајца се во критична состојба. Околу 80 Срби се повредени во немирите, кои избија откако полицијата на УНМИК и КФОР влегоа во судската зграда, заземена од Србите.
Белград сега се консултира со Русија околу начините за запирање на насилството во Косово. Српскиот премиер Воислав Коштуница и претседателот Борис Тадиќ ги повикаа КФОР и УНМИК да не употребуваат сила против Србите.
Водачите на меѓународната заедница во понеделникот повикаа на смиреност. „Ова насилство не води никаде и не му оди никому во корист“, рече шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана, за време на посетата на Љубљана, Словенија. Исто така, портпаролот на НАТО, Џејмс Апатураи, рече дека Алијансата „силно го осудува насилството во северно Косово“. (Интерфакс, АФП, Бета, КохаДиторе, Експрес, Лајм, Данас -18/03/08; РТК, Косовалајв, Ројтерс, АФП, АП - 17/03/08)